23 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИКХВ и натаму не е транспарентна во случајот „Макпетрол“

КХВ и натаму не е транспарентна во случајот „Макпетрол“

Не стивнуваат реакциите во јавноста по прес-конференцијата на првиот човек на Макпетрол Андреа Јосифовски и одговорот од Комисијата за хартии од вредност, во кој КХВ уште еднаш докажува дека нема намера да почне да работи транспарентно и да ѝ ги открие на јавноста деталите околу ланскиот обид за преземање на Макпетрол.

Во својот одговор, КХВ вели дека „Комисијата како и во многу наврати така и овој пат потенцира дека во однос на сите предмети, па и во однос на барањето за преземање, постапува целосно одговорно и професионално, исклучиво согласно законската регулатива што важи во Република Македонија“.

Но, Комисијата, освен што ги реди сите можни закони кои имаат допирна точка со нејзината работа, во соопштението не открива врз кој точно закон и кој точно член го темели својот 15-месечен молк за сите аспекти на постапката околу преземањето на Макпетрол. Оттаму, станува јасно дека ова соопштение е неуспешен обид на раководството на КХВ да ги замачка очите на јавноста.

Комисијата дури тврди и дека „транспарентноста на КХВ на РМ е основно начело на нејзиното работење, но се разбира димензионирано во согласност со важечката законска регулатива“. За сите што од почеток го следат случајот со обидот за преземање на Макпетрол, ова тврдење е кулминација на лицемерието на првите луѓе на КХВ. Во реалноста, Комисијата и натаму го држи предметот во целосна тајност, одбивајќи да сподели каква било информација не само со новинарите и јавноста, туку и со акционерите на Макпетрол. Дури ни во самата компанија, која беше цел на обидот за непријателско преземање, не знаат до каде е постапката.

Во скандалозното соопштение на КХВ уште се вели дека „Комисијата за хартии од вредност на РМ како регулатор на пазарот на хартии од вредност при постапувањето по предметите на странките без исклучок води грижа да не им нанесе штета по нивниот углед и интересите, но истовремено ги штити и правата на малцинските акционери“.

Не треба да се биде експерт за да се постават очигледните прашања: како информативниот мрак кој го наметнува КХВ околу случајот ги заштитува малцинските акционери? Како се тие сигурни дека КХВ им ги штити правата, кога таа веќе 15 долги месеци не им дозволува увид во постапката?
Од досегашното однесување на КХВ, изгледа како единствените интереси кои таа ги штити да се интересите на „Балкан Петролеум“ – сомнителна офшор-фирма со потекло од Девствените Острови, со која се поврзани луѓе со докажана историја на матни зделки и перење пари.

Раководството на Макпетрол неделава предупреди дека ќе бара одговорност од КХВ и Централниот депозитар за незаконско постапување во случајот и за нанесената штета во работењето на компанијата.

„Во правна и нормална држава каква што не е Македонија, некоректната, непристојна и нецелосна понуда на оф-шор компанија како Балкан петролеум ќе беше отфрлена, но предметот сè уште не е затворен“ рече првиот човек на компанијата Андреа Јосифовски на прес-конференција, додавајќи дека е убеден оти целта на обидот за преземање на Макпетрол била компанијата да заврши во приватни раце, да се дисфалификува од нафтениот бизнис и да се смени актуелното раководство.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП