18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаети: Традицијата ја губи битката со модерното

Занаети: Традицијата ја губи битката со модерното

Занаетчиството оди во надолна линија – работилниците се затвораат а на нивните места никнуваат кафулиња и продавници. Традицијата ја губи битката со модерното.

„Работиме најмногу за туристите, нашите производи се интересни само за нив. За Македонците било скапо, а не сфаќаат дека она што е изработено овде е уникатно и трајно“ вели последниот шапкар во Старата скопска чаршија.

Има и такви на кои работата им оди добро, но ова важи само за златарите и филигранџиите.

„Моите производи не излегуваат од мода и не губат вредност, но секако мора да ги прилагодувам на модерните трендови. Еве во накитот почнав да вградувам и оригинални Сваровски кристали кои се особено популарни кај младите“ објаснува еден од златарите.

„Јас сум задоволен со работата. Грев е да се жалам. Моите дела се интересни за странците. Најмногу ги купуваат оние од Далечниот Исток – Јапонците и Корејците кои последниве години за среќа ги има и во поголем број“ објаснува занаетчија кој изработува украси од метал.

Занаетчиството опстојува, но во нови форми. Фризерите ги истиснаа берберите. Ковачите речиси исчезнаа, но на автомеханичарите и на сервисерите на бела техника им оди добро. Се појавија и монтажери на клима уреди, на соларни панели.

Ваквите релативно нови занаети се и повеќе од профитабилни. Така велат оние кои се одлучиле за рачната работа. Дури имале и проблем да најдат чираци и квалификувани работници.

„Да се воведе подолготрајна практична настава, два дена на праска на пример три во школо и обратно, но немаме позитивно мислење од школите“, објаснува сервисер на бела техника.

Во Македонија има над 7.000 пријавени занаетчии кои работат во 300 регистрирани дејности.

Освен наоѓањето наследници и работници, најголем проблем за занаетчиите е нелојалната конкуренција. Дивите мајстори им ги земаат муштериите, но и им го нарушуваат имиџот. Сепак, во Комората на занаетчии велат дека предизвиците полека се надминувале.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП