24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДонација на современа техничка опрема од Американската амбасада за МВР

Донација на современа техничка опрема од Американската амбасада за МВР

Американската амбасада донира современа техничка опрема за Одделот за гранични работи при Министерството за внатрешни работи.

Министерот Оливер Спасовски рече дека во сите овие години амбасадата на Соединетите Американски Држави претставува еден од најреспектабилните партнери на Министерството за внатрешни работи чијашто конкретна помош и поддршка овозможија техничко, образовно, организациско и оперативно подигање на стандардите на работа на повеќе организациски единици при МВР.

Тој нагласи дека успешното менаџирање на безбедноста на границите во современиот начин на живеење подразбира отворени, но и добро контролирани граници, каде што е возможен брз проток на материјални добра и патници и ефикасна контрола и спречување на сите облици на илегална миграција и прекуграничен криминал.

„Со оваа донација од страна на амбасадата на САД на современа техничка опрема значително ќе се подобрат оперативните капацитети на нашата гранична полиција во повеќе сегменти од граничното работење. Тоа, пак, ќе значи поголема функционалност и ефикасност во остварувањето на редовните работни задачи на граничната полиција“, изјави Спасовски.

Американскиот амбасадор Џес Бејли од своја страна, пак, истакна дека во изминативе 16 години владата на САД издвои повеќе од 20 милиони долари во опрема и обука за подобрување на квалитетот на граничната контрола и безбедност.

Инаку, денешната донација, покрај техничка опрема наменета за контрола на товари и возила, се состои и во пет теренски четвороцикли кои за првпат ќе бидат во составот на граничната полиција за контрола и надзор на тешко пристапни терени на државната граница.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП