28 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАМанифестацијата „Креативни точки“ на 22 и 23 септември во Лешочкиот манастир

Манифестацијата „Креативни точки“ на 22 и 23 септември во Лешочкиот манастир

Во организација на Центарот за култура и културолошки студии, а со поддршка на женскиот хор „Менада“ од Тетово, во Духовно-културениот центар „Кирил Пејчиновиќ“, во Лешочкиот манастир, во село Лешок, на 22-23 септември оваа година по трет пат ќе се одржи манифестацијата „Креативни точки“ на која главен акцент ќе биде ставен на литературата и музиката.

Манифестацијата ќе вклучува литературно – музички jam session кој ќе се одвива два дена (22 септември во 12 часот и 23 септември во 14 часот) и кој е замислен како можност слободно и креативно да се експериментира со границите на уметностите. За разлика од вообичаениот jam session, учесниците, преку импровизација, ќе се обидат, користејќи ги сите литературни и музички жанри, да создадат хибридни дела. Ќе се стимулира учеството на публиката.

Централен настан на манифестацијата е вечерта „Креативни точки“ (на 22 септември, 19 часот) кој има за цел динамизирање на начинот на презентација на музиката и литературата. Притоа, во музичкиот дел ќе биде застапена класичната, експерименталната музика и рок ен ролот, додека во литературниот дел покрај поезија ќе се чита и проза, драмски извадоци, а ќе има и слем настапи, како и кратки драматизации. На „Креативни точки“ ќе настапат Петар Андоновски, Митко Апостолов, Митко Гогов, Катерина Гогова, Ана Голејшка, Живко Грозданоски, Дарјан Данески, Душко Дембоски, Ѓоко Здравески, Јован Илиески, Елена Карапејовска, Владимир Лукаш, Калина Малеска, Драгана Марковиќ, Марта Маркоска, Ивона Нацевска, Фросина Пармаковска, Елена Пренџова, Перица Сарџоски, Билјана Стојановска, Небoјша Стојаноски, Снежана Стојчевска, Колос Цури и други.

Вечерта, традиционално ќе ја отвори Младински женски хор „Менада“ од Тетово, под диригенство на маестро Ивица Зориќ со современа обработка на класични дела, а ќе ја затвори со класична обработка на R’N’R песни.

На 23 септември, пак, освен продолжување на литературно – музичкиот jam session (14 часот) ќе се одржи и трибината „Интермедијалноста како алтернативна можност за презентирање на уметничките идеи на младите автори“ (10 часот), чиј модератор ќе биде проф. д-р Лорета Георгиевска – Јаковлева. Целта на трибината е да се дискутира за начините за алтернативно презентирање на уметноста, методите на комуникација со публиката (релацијата автор – публика), како и потребата од надминување на застарените, нединамични форми на комуникација, каде публиката е безгласен конзумент на литературата/музиката/уметноста.

Манифестацијата „Креативни точки“ првите две години се реализираше без финансиска поддршка од државните институции, но оваа година е поддржана од Министерството за култура во рамки на проектот „Нов културен бран“. Манифестацијата има за цел промовирање на млади креативци, автори и творци од областа на музиката, литературата, фотографијата, сликарството и други уметности, со цел да станат видливи нивните естетики и светогледи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП