19 март, 2024
ПочетнаИНТЕРВЈУИнтервју со г. Филип Поповски, Генерален Секретар на ФФМ

Интервју со г. Филип Поповски, Генерален Секретар на ФФМ

Со изградбата на стадионот “Младост” во Струмица добивме нов репрезентативен терен според високите стандарди на УЕФА

Денар: Помина скоро еден месец  од организацијата на Скопје Супер Купот 2017, кој од УЕФА беше оценет како најдобар досега. Како гледате на него од денешен аспек, колку сте задоволни од постигнатото?

Би било прескромно да кажам дека сум само задоволен од постигнатото. Ние, тука во Скопје, во Македонија организиравме планетарен настан на кој се одигра натпревар помеѓу најдобрите тимови во светот. Огромна благодарност до нашите колеги од Федерацијата и останатите партнери кои несебично две години со сета своја професионалност докажавме дека сме способни да одговориме на сите предизвици кои се бараат од нас. Ако кажам дека беше лесно, ќе излажам.

Поминавме низ многу искуства и предизвици и успеавме да го доставиме навремено се тоа што се очекуваше. За сето тоа потврда е и благодарноста која ја добивме буквално од сите а особено од челниците на УЕФА и ФИФА. Самиот настан допринесе за надградба на нашето работење, размена на искуства, нешто што е од непроценлива важност за нашиот тим и нашата држава кога станува збор за организација на мега настани.

Денар: ФФМ е една цела институција. Иако пошироката јавност Ве поврзува само со настапите на А репрезентацијата, Вие покривате многу повеќе. Кои се другите фокуси, и колку тие се подеднакво важни?

Ние како тим дејствуваме по однапред определени цели кои се вклучени во Стратегискиот план на ФФМ (2016-2026). Целиот тој план и целите се формирани од страна на фудбалското семејство и раководството на ФФМ. Можам да кажам дека сум задоволен од тоа како течат активностите а затоа говорат следните  индикатори зголемениот број на фудбалери, тренери, судии, подобрување на состојбата на стадиони , учество на европско првенство до 21 година, успех на меѓународно клубско ниво, подобрување на перформансот на А репрезентацијата и останaти активности, а годината сеуште не е завршена. Да не заборавам да споменам дека ние како социјално одговорна асоцијација дејствуваме и на други полиња, како што е соработката со здружението Мобилност, грижа за ранливи категории на граѓани, соработка со други училишта, организации на други полиња. Само да напоменам дека Центарот Петар Милошевски набрзо ќе стане првиот тренинг центар во Европа на кој ќе бидат инсталирани соларни фото волтаи за искористување на сончевата енерија и помалку трошење на електрична енергија како надоврзување на проектот за загревање и ладење преку постоeчките геотермални пумпи.

Денар: Како ретко кога досега, гледаме периодов дека се вложува во развој на  фудбалската инфрастуктура во земјава, во работа со млади категории, во подигнување на стручното знаење на фудбалските работници. Резултати веќе има. Што да очекуваме?

Како што напоменав, се работи по однапред определени цели. Секако дека се вложува во фудбалската инфраструктура. Како последен пример е вложувањето во стадионот Младост во Струмица, на кој се играат квалификациски наптревари на А репрезентациите, а верувајте потребно е достигнување на високи критериуми. Благодарение на силната желба, напорна работа и посветеност стадионот Младост, за краток временски период доби: надградба на рефлекторите со нови Филипс рефлектори и осветлување од 1570 лукса, како и инсталација за поставување на back up генератор во случај на снемување на струја.

Беа изградени две нови трибини – Источна и Западна со капацитет од 1200 нови места за седење, се инсталираа комплетно нови столчиња на останатиот дел од стадионот, со комплетна нумерација. Изградени се и нови ТВ Платформи за комплетен пренос на квалификациски натпревар согласно барањата на УЕФА

Целиот стадион, вклучувајќи ги и влезовите е осветлен, а поставена е и инсталација на панично осветлување. Стадионот е под сите безбедносни стандарди за чие добивање беше изработена опсежна документација поврзана со планот за евакуација и сертификатот за безбедност согласно законските прописи и правила на УЕФА и ФФМ. Инсталирани се и камери за мониторинг систем за следење на случувања на и вон стадионот, од посебна контролна просторија. Вработените на стадионот се обучени за редовно одржување на теренот и доведување до врвна форма за што е набавена и нова косилка за трева.

Со комплетното фарбање и освежување стадионот Младост е репрезентативен терен од висока трета категорија, кој овозможува удобност како за посетителите, така и одлични услови за квалитетен натпревар од висок ранг.

Тука се и 10-те терени за тренинг во 10 општини, 4 стадиони како дел од Хет трик програмата на УЕФА. За жал, вложувањето во инфраструктурата единствено од страна на ФФМ не е доволно за брзи резултати. Затоа сакам да ги повикам сите да ни се придружат во подобрување на спортската инфраструктура, затоа што знаеме дека спортот е најголемиот амбасадор во светот. Паралелно се врши работа во млади категории, одиграни многу меѓународни натпревари, ФФМ академија во фудбал и изградба на сместувачки капацитет и грижа за најдобрите млади фудбалери во склоп на тренинг центарот на ФФМ, едукација и надградба на тренерите преку многу курсеви од реномирани предавачи. Континуирано вршиме и надградба и размена на знаења и со нашите партнери, општинските фудбалски сојузи и клубовите. Сите се добредојдени.

Резултатите не доаѓаат преку ноќ, потребно е трпение и напорна работа. Не велам дека понекогаш не грешиме, но тоа што можам да го ветам е дека продолжуваме и понатаму за доброто на фудбалот и спортот во државата.

Денар: Во ФФМ постои јасна поделеност на обврските. Колку секој оддел има слобода и одговорност во реализацијата на задачите?

Како и во секоја професионална организација, во ФФМ постои организациска поставеност. Истата е поделена на два сектора, сектор фудбал и сектор поддршка и сите оддели како нивни сегменти дејствуваат по однапред определени цели, активности и работни задачи согласно стратегискиот план. Секој е добредојден да допринесе со нови идеи и размислување при решавање на одредени предизвици. Еднаш годишно вршиме заедничка ревизија на постигнатите годишни цели и преку извештај реферираме кон највисокиот орган на ФФМ, а тоа е Собранието. Се грижиме секој вработен да добие соодветна надградба преку разни едукации, јазични курсеви во земјата и надвор, а како индикатор ќе ја споменам обуката на УЕФА за спортски менаџмент која треба да се спроведе за нашите колеги на ниво на ФФМ во месец Октомври.

Денар: Која е одговорноста на еден Генерален секретар

Работењето како Генерален секретар го сметам за голема привилегија, но секако истото претставува и огромна одговорност. Јас сум одговорен за спроведување и извршување на сите активности на Генералниот секретаријат поврзани и неповрзани со стратешкиот план. Имам советодавна улога при работата на Собранието, Управниот одбор  како и постојаните и ад хок комисиите и другите статутарни тела и органи на ФФМ. Исто така како обврска е и грижата за законитоста, економичноста и целокупното материјално и финансиско работење на ФФМ.

Денар: За кој клуб навива Филип Поповски, и дали покрај фудбалот сепка посебно некој друг спорт?

Мојот омилен клуб е Манчестер Јунаитед, за кој на голема среќа имав ретка можност да го гледам тука во мојот роден град заедно со другиот најголем тим, тимот на Реал Мадрид. Го гледам уште од формирањето на Премиер лигата во Англија во 90 тите и доста емотивно ги преживувам лошите резултати и затоа доста интересни коментари добивам од моите колеги кога истиот губи. Како човек кој го сака спортот, особено ги сакам и пратам ракометот и кошарката, особено нашите клубски и репрезентативните настапи.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП