19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПовеќе огранизации в четврток ќе протестираат за чист воздух во Скопје

Повеќе огранизации в четврток ќе протестираат за чист воздух во Скопје

Тринаесет организации в четврток ќе маршираат низ Скопје за чист воздух. Зборно место е булеварот пред Владата во 17 часот. Организаторите ги повикуваат сите на кои им пречи прекумерното загадување на воздухот во Скопје да им се придружат. В четврток се одбележува и Светскиот ден на мирот, кој организаторите на маршот од „О2 коалиција“ и од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ го посветуваат на правото на чист воздух.

„Маршот ќе започне пред Владата со јавно кажување на барањата што ние со уште 12 други организации и иницијативи ги доставивме до Министерството за животна средина и просторно планирање на РМ на 11 септември 2017 година. Потоа ќе се обратат неколку од нашите активисти и во 17.30 ч ќе тргнеме кон Карпош 3, каде што ќе им дадеме поддршка на граѓанските иницијативи „Ние сме Карпош 4“, „Стоп на загадувањето“, „Воздух сега!“ и „Карпош 3“, кои ќе достават свои барања и петиција до Општина Карпош за зачувување на зелениот појас по должината на реката Вардар (градска четврт 3.04), кој, доколку се урбанизира според предвидените незаконски донесени плански документи, ќе значи уште еден тежок удар за и онака прекумерно загаденото Скопје“, стои во повикот за маршот на социјалната мрежа „Фејсбук“.

Организаторите нагласуваат дека иако според Уставот на РМ здравата животна средина му е загарантирана на секој граѓанин на нашата земја, во последниве години сите сме сведоци дека во реалноста ова не е така. Имаме енормна стапка на загаденост, незапаметен број заболени лица, како и смртни случаи директно предизвикани од загадениот воздух во критично загадени општини во Македонија.

„Загадувањето во Македонија се должи на многу причини, од кои главните се: противзаконското работење на индустриските погони (без инсталација на соодветни филтри и без придржување до пропишаните стандарди), непланското уништување на урбаното зеленило, незаконската и агресивна урбанизација, неспособноста за управување со отпадот, застарените решенија за транспорт, греењето итн. Заеднички именител за сите овие е неспроведувањето на законите во РМ“, велат организаторите.

Тие се надеваат дека маршот искрено ќе го поддржат народните избраници, од кои очекуваат да не го користат за добивање политички поени. Од нив очекуваат да се обврзат и да се залагаат за исполнување на барањата што ги доставиле до институциите, без да се кријат зад изговорите економски развој и странски инвестиции.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП