19 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечната плата достигна 22.808 денари – кој е под, а кој над...

Просечната плата достигна 22.808 денари – кој е под, а кој над оваа сума?

Просечната плата во Македонија достигна 22.808 денари, но анализите покажуваат дека ја билдаат мал број работници – 70% се под, а само околу 30% над оваа сума.

ДЗС: раст на платата за 2.8% за една година

Просечната плата пораснала за 2.8% за една година. Во јуни достигнала 22.808 денари.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во овој период најмногу пораснале примањата на вработените во секторите: уметност, забава и рекреација (20%); стручни, научни и технички дејности (9.8%) и рударство и вадење на камен (7.4%).

Истовремено намалување на просечната плата има единствено кај градежништвото (-2.5%).

Во јуни 1.1% од сите вработени не зеле плата.

Највисоки плати имаат програмерите, правниците и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Според аналитичарите ова е најголемиот проблем – големата разлика во примањата – најмалку платените сектори имаат и над шест пати пониски приходи од најдобро платените.

Од септември поголем минималец

Ваквите разлики во примањата до некаде се пеглаат и со законски утврдената минимална плата. Во септември таа ќе биде покачена од 10.800 на 12.000 денари.

Владата ќе ги субвенционира компаниите односно ќе ја покрива разликата меѓу сегашниот и новиот минималец. Во првите шест месеци 100%, а во следните шест 50% од оваа сума ќе се исплаќа од буџетот со што трошоците во државната каса ќе бидат 1.5 милиони односно 750 илјади евра. Ова е предвидено и во ребалансот на буџетот.

Околу 130 илјади од вкупно 730-те илјади вработени во земјава добиваат минимална плата.

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси шест години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата што работодавецот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран ефект. Право на минимална плата, според одредбите од Законот за минимална плата, имаат сите работници. Работникот што работи со скратено работно време, за времето поминато на работа има право на размерен дел од минималната плата.

Минималец во ЕУ – најмал во Бугарија, најголем во Луксембург

Според податоците на Евростат во јануари 2017-та најмала минимална плата од сите земји – членки имале Бугарија (235 евра) и Романија (321 евро).

Од друга страна највисоки загарантирани примања имале работниците во Луксембург (1.998 евра), па Белгија и Холандија (1.550 евра).

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП