16 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАФестивал „Браќа Манаки“: Французот Пиер Лом лауреат на „Златна камера 300“ за...

Фестивал „Браќа Манаки“: Французот Пиер Лом лауреат на „Златна камера 300“ за животно дело

Францускиот кинематографер Пиер Лом е добитник на „Златната камера 300“ за животно дело на 38. издание на интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи идниот месец во Битола.

Ова како и други детали што ќе го сочинуваат фестивалот беше соопштено на денешната прес-конференција на која присуствуваа директорот на фестивалот, Благоја Куновски – Доре, уметничкиот директор Гена Теодосиевска, претседателот на асоцијацијата на филмските професионалци, Роберт Насков, и амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние.

Организаторите на фестивалот се задоволни од подготовките и ветуваат одлично издание, рекордни гостувања на светски кинематографери, како и силна компетитивна филмска програма и придружни ревијални програми.

Задоволни сме од подготовките на фестивалот иако неговото одржување беше доведено во опасност поради обидите да биде бесправно преземен. Ја поздравуваме одлуката тој да остане во рацете на неговите основачи – Друштвото на филмски работници, и 38. пат да биде организиран високопрофесионално и да го задржи реномето што го има во светот на филмските професионалци, особено кинематограферите, рече Куновски.

За Теодосиевска и Куновски е особена чест што наградата за животно дело оди во рацете на големиот светски и француски кинематографер Пиер Лом, кој во својот опус има повеќе од 100-ина филма, од кои 60 играни целовечерни остварувања.

„Ви благодарам на поканата и на наградата за животно дело. Ја прифаќам поканата и ќе дојдам да ја примам наградата и да ја запознам вашата земја“, напишал Лом во дописот до фестивалот.

Организаторите го обелоденија и интернационалното жири за главната компетиција. Годинава за трите престижни награди ќе одлучуваат Пол Рене Ростад, кинематографер од Норвешка како претседавач, и членовите Лука Коасин, кинематографер од Италија, режисерот и сценарист од Македонија, Дарјан Пејовски, и кинематограферот Ерол Зубевиќ од Босна и Херцеговина.

Асоцијацијата на филмските професионалци годинава ќе ѝ додели и специјална награда за животен опус на првата македонска продуцентска куќа „Вардар филм“ за која годинава се одбележуваат 70 години постоење. На овој начин тие сакаат да им оддадат почит на сите филмски работници кои со посветеност работеле на создавање и афирмација на македонската кинематографија.

Пред самиот почеток на фестивалот, кој е закажан за 23 септември, ќе се одржи и последната прес-конференција на која ќе биде обелоденета фестивалската програма.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП