24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзвршено авионско снимање на целата територија на Република Македонија

Извршено авионско снимање на целата територија на Република Македонија

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство соопшти дека во периодот јуни – средина на август вторпат по 2009 година изврши авионско снимање на целата територија на Република Македонија. Во согласност со Европските регулативи и препораки авионските снимки се основа за функционирање на Системот за идентификација на земјишни парцели (СИЗП), велат од Министерството.

„Со просторната идентификација на земјишни парцели се определуваат границите и големината на обработливата површина за која земјоделците аплицираат за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. На овој начин ќе се овозможат прецизни контроли од страна на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, во однос на површините што земјоделците ги пријавуваат за субвенции и фактичката состојба на терен. Во рамките на процесот ќе бидат произведени ортофотокарти, дигитален модел на теренот на целата држава и ќе биде направена иницијална дигитализација на земјоделските површини според употребата на земјиштето. Новите просторни податоци ќе овозможат ажурирање на промените настанати на земјишните парцели во периодот помеѓу двете снимања. За таа цел при крајот на тековната и во текот на 2018 година во подрачните единици на Министерството ќе бидат повикани земјоделските стопанства кај кои е утврдено несовпаѓање помеѓу состојбата на постојната ортофотокарта од 2009 година и новата карта од 2017 година од аспект на површината на парцелата или користењето на земјиштето, а со цел коригирање на забележаните отстапувања. Освен за спроведување на земјоделските политики на поддршка, новите ортофотокарти и дигиталниот модел на теренот се достапни и наоѓаат широка примена и од страна на голем број органи на државна управа, единици на локална самоуправа и правни лица при извршување на нивните надлежности во просторното планирање и проектирање, јавната безбедност, итн.“ се вели во соопштението.

Активностите, како што се додава во соопштението, на изработка на авионските снимки, ортофотокартите, дигиталниот модел на теренот, како и дигитализацијата на земјоделското земјиште, финансиски се помогнати од страна на Европската Унија преку ИПА-проектот 2008 „Изработка на ортофотокарти и дигитализација на употребата на земјоделското земјиште и развој на ИТ-софтвер за ЕРЗС-регистарот, ФАДН-системот и надградба на СИЗП-софтверот“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП