29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Охридско лето“ приредува Вечер на романтична музика за виола

„Охридско лето“ приредува Вечер на романтична музика за виола

Во рамките на Вечерта на романтична музика за виола на „Охридско лето“, вечерва концерт ќе одржат Блерим Груби на виола и пијанистката Марија Вршкова.

На програмата се дела од композиторите Роберт Шуман и Франц Шуберт.

Уметникот Блерим Груби дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје каде и магистрира во класата на проф. Љ. Господинов. Се усовршува на мајсторски курсеви кај познатиот виртуоз на виола Јуриј Башмет на Академијата „Чигана“ во Сиена.

По завршувањето на студиите започнува да работи во Македонската филхармонија. Паралелно, тој континуирано ја развива и солистичката дејност, како рецитален и камерен уметник, земајќи учество во реномирани состави и настапувајќи на фестивали во земјите на поранешна Југославија, Италија, Германија, Австрија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Јапонија и САД.

Блерим Груби бил водач на група виоли на камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, работел со ансамблите „Купрен“, „Вивенди“ и гудачкото трио „Косова“, студиото „Бахус“, а како солист настапува со Македонската филхармонија, оркестарот Скопски солисти, Камерниот оркестар на М.Ф., Камерниот оркестар на РТС, Симфонискиот оркестар на Радио телевизија Тирана, Оркестарот на операта и балетот од Тирана, Камерниот оркестар „Приштина“, Косовската филхармонија и др. Основал и подготвувал програма за натпревари и конкурси, а е иницијатор и основач на повеќе ансамбли, фондации и организации како Арс Косова, Сојузот на албански музички и балетски уметници во Македонија, а во 2012 година на покана од Универзитетот Коломбо-Париз, Франција одржува мајсторски курс за виола.

Тој има снимено две ЦД-а и ги има промовирано во Скопје, Приштина и Тирана. Актуелно е професор на Државниот универзитет во Тетово и на Приштинскиот универзитет.

Пијанистката Марија Вршкова е родена во Битола каде го завршува основното и средното музичко образование. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност – Скопје со највисоката оцена кум лауде, во класата на професорот Светиев каде ги завршува и магистерските студии по пијано. Во текот на образованието е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а нејзината најзначајна меѓународна награда е Трета награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим – Италија.

Учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствениот претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.

Покрај неколкуте снимени ЦД-а со истакнатите македонски уметници, Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби, Страшо Темков, во 2010 година, таа го снима и своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапува во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, Америка, Србија, Австрија, Грција… Вршкова е дел од уметниците кои редовно настапуваат на реномираните фестивали во Македонија, како „Охридско лето“, ДММ, „Златна лира“ и „Есенски музички свечености“.

Како врв на нејзината уметничка дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на Интернационалниот натпревар „Охридски бисер“ во 2009 година, како и три награди „Виртуози“ за музички изведувач во 2013 година и две награди за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во моментот Марија Вршкова работи како доцент при ФМУ- Скопје.

Концертот на македонските уметници Груби и Вршкова ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 20 часот и 30 минути, а ќе може дасе следи и во живо на веб-страницата на „Охридско лето“ www.ohridskoleto.com.mk

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП