18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЗголемени трошоци на живот – како да се протурка месецот?

Зголемени трошоци на живот – како да се протурка месецот?

Статистиката измери годишен раст на трошоците на живот, но и на просечната плата. Сепак, процентите и бројките не можат да го дадат одговорот на прашањето со кое се соочуваат голем дел од Македонците – како да се издржи од први до први?

ДЗС: Зголемени трошоците за живот

Растат трошоците за живот. Според последните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во јули годинава во однос на истиот месец лани трошоците на живот биле поголеми за 1.2% а цените на мало за 2.9%.

Во овој период најмногу поскапеле комуникациите (9.5%), потоа цигарите и алкохолот (6.6%), рестораните и хотелите (4.3%), транспорт (1.9%), облека и обувки (0.8%). Намалување имало кај мебел и покуќнина (-1.0%), комуналии (-0.4%), образование (-0.3%).

ССМ: Намлена потрошувачката кошница

Државната статистика ги објавува трошоците на живот и цените на мало, но веќе со години не ја анализира потрошувачката кошница. Единствено Сојузот на синдикати (ССМ) прави вакви пресметки, но нередовно.

Последните податоци се за февруари годинава кога минималната кошница била „тешка“ 32.086 денари или 0.7% помалку во однос на февруари лани.

Најголем дел од парите според ССМ одат за храна и пијалаци, 13.120 денари или 40%, за домување се потребни 10.480 денари или 32%, за хигиена и превоз по околу 2.300 2. денари или по 7%, нешто помалку за облека и обувки, а за култура и здравје остануваат само 1.700 денари или околу 5%.

Зголемена просечната плата

Покрај зголемените трошоци на живот, статистичарите пресметале и зголемена просечна плата. Таа во мај годинава изнесувала 22.889 денари што е за 2.5% повеќе од истиот месец лани. И покрај ова просечната плата може да наполни само 71% од потрошувачката кошница.

Сепак, малкумина ја земаат просечната плата. Според анализите на Finance think дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот.

Апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности.

„Треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи, започнувајки од образовни програми. Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности, а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности“, велат од Finance Think.

Според податоците на Евростат во Европа најниска просечна плата се исплаќа во Украина, изнесува само 180 евра. Следат Молдавија со 230 евра, Белорусија со 349, Македонија со 380, Албанија со 397, Бугарија со 406, Србија со 432, Босна со 436, црна Гора со 508 евра.

Најдобро платени се работниците во Швајцарија, просечната месечна плата изнесува фантастични 5.020 евра! Во Норвешка просекот е 3.700, во Исланд 3.367, во Шведска и Данска по 3.100, а во Финска, Франција и Ирска по околу 2.500 евра.

Македонија меѓу најевтините земји во Европа?!

Македонија е меѓу десетте најевтини земји во светот. Така барем тврди анализата на американскиот магазин Time која прави споредба меѓу просечните цени и куповната моќ на населението.

Time ги споредува државите со трошоците во Њујорк, па така во Македонија куповната моќ е за 49% пониска, а од друга страна кириите се помали за дури 94%, продуктите за 73% а локалните добра и услуги за 69%.

Според оваа анализа десетте најевтини држави се Јужна Африка, Индија, Косово, Саудиска Арабија, Казахстан, Замбија, Оман, Парагвај, Чешка и Македонија. Од регионот зад нас е Босна на 11-то место, па Србија на 18-то и Црна Гора на 26-то.

И истражувањето кое неодамна го објави GoBankingRates ја сместува Македонија меѓу најевтините земји. Според нивната анализа топ 10 најевтини се Македонија, Чешка, Парагвај, Оман, Замбија, Казахстан, Саудиска Арабија, Индија и Јужна Африка.

Од 20. до 11 место се наоѓаат во главно држави од нашето соседство: Бугарија, Грција, Србија, Малезија, Чиле, Молдавија, Пакистан, Колумбија, Полска и Босна и Херцеговина.

Критериумите кои ги земале во предвид се просечната плата, трошоците за сместување, цена на производи, ресторани и превоз.

Секој четврти Македонец сиромашен

И додека според меѓународните анализи Македонија е меѓу најевтините земји во светот, според домашната статистика секој четврти жител на земјава живее во сиромаштија.

Стапката на сиромаштија изнесувала 21.5% во 2015-та. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) во однос на 2014-та е намалена за 0.6, а во однос на 2013-та за 2.7 процентни поени.

445.000 Македонци живееле под прагот на сиромаштија кој за самечко домаќинство изнесува 78.000, а за четиричлено домаќинство 164.000 денари годишен приход.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП