29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДенес продолжува расправата за ребаланс на Буџетот

Денес продолжува расправата за ребаланс на Буџетот

Денес во собраниската Комисија за финансирање и буџет треба да продолжи расправата по ребалансот на Буџетот за 2017 година предложен од Владата.

Расправата почна во понеделникот кога министерот за финансии го образложи предложениот ребаланс.

Во текот на досегашната расправа пратениците од мнозинството дадоа поддршка, додека опозицијата оцени дека ребалансот е антиреформски и дека се кратат средства за капитални инвестиции на сметка на партиски вработувања.

Основната цел на ребалансот, како што образложи министерот Драган Тевдовски, е да се намалат непродуктивните трошоци и да се обезбеди простор за реализација на политиките на новата Влада.

Вкупните приходи во првите шест месеци се 86,4 милијарди денари што е 46 отсто во однос на планираното, а расходите се 94,6 милијарди денари.

Кај расходната страна има сериозно намалување во делот за стоки и услуги кои се скратени за 2 милијарди денари во однос на иницијалната проекција.

Со ребалансот планирани се 23,4 милијарди денари за капитални расходи, а поради ниската реализација во првата половина од годината извршено е намалување кај проектите кои имаат забавена динамика на реализација.

Растот на економијата е ревидиран на 2,2 проценти за годинава, а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,9 проценти од БДП.

Расправата по ребалансот на Буџетот, согласно Деловникот на Собранието, може да трае до 10 работни денови. Досега поднесени се над 700 амандмани.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП