28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтартуваше реконструкцијата на улицата „Втора македонска бригада“

Стартуваше реконструкцијата на улицата „Втора македонска бригада“

Денеска започнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Втора македонска бригада“ која ги поврзува општините Чаир и Бутел.

„Ќе се реконструира  коловозот на оваа улица од  крстосницата со улица „Христијан Тодоровски Карпош“ до кружниот тек на улицата „Лазо Трповски“. Со овој градежен зафат, во должина од 1. 181 метар, ќе биде изгребан стариот и оштетен асфалт и ќе биде нанесен нов асфалт. Покрај коловозот, со овој проект е опфатена реконструкција на велосипедските и на пешачките патеки, комплетна замена на старите рабници, а ќе бидат нивелирани и шахтите и сливниците. Со реализацијата на овој проект значително ќе се подобри одвивањето на сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста при движењето за жителите на општините Чаир и Бутел. Покрај градежните работи, ЈП „Паркови и зеленило“ ќе го обнови зеленилото по должината на  оваа сообраќајница“   – соопшти  градоначалникот Коце Трајановски.

Реконструкцијата на коловозот ќе ја извршат екипите на градежната компанија „Пелагонија“ од Гостивар, додека реконструкцијата на пешачките и на велосипедските патеки ќе ги изведуваат екипите на ЈП „Улици и патишта“.

За овој градежен зафат, Градот Скопје ќе издвои 10,6 милиони денари, а градежните работи треба да завршат за 180 дена.

Оваа улица е мошне фреквентна сообраќајница во густиот Чаир, која поминува пред поликлиниката „Чаир“ и црквата „Свети Никола“. Улицата е значајна, бидејќи ги спојува општините Бутел и Чаир со Шуто Оризари. По неа поминуваат и градските автобуски линии со броевите 9 и 19.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП