19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАВо сабота уличен концерт на „Баклава“

Во сабота уличен концерт на „Баклава“

Летната манифестација „Скопски летен ритам“ на 15 јули (сабота) на плоштадот „Филип Втори“, во 20.30 часот го организира концертот на групата „Баклава“.

Со својот репертоар од традиционална до светска музика, преку преработките и авторските песни на повеќе јазици и музички стилови, по многуте настапи на плоштадите во европските метрополи, „Баклава“ се радуваат на настапот во родниот град, пред домашната публика.

„Ни се допаѓа идејата да свириме на отворен простор и така секој што сака може да ја слушне музиката, без грижа за билети, седишта, помали или поголеми привилегии. Едноставно, овој пристап му прилега на бендот, бидејќи нашиот настап не е помпезен, ниту шоу, туку сме фокусирани на музиката. Нашиот однос со публиката е близок, непосреден и затоа имаме успех во светот, без разлика што често не ни го разбираат јазикот“, вели Дејан Сибиновски-Сибо, член на „Баклава“.

Четиричлениот состав, синоним за музички деликатес, е составен од Елена Христова – вокал, Дејан Сибиновски – деф, Дејан Теодосиевски – виолончело и Ѓорѓи Клинчаров – тамбура. Тие ќе се обидат со нефилтриран звук и слика, при можност да бидат допрени и директно доживеани, да го предизвикаат нашето дигитално време и јулската скопска вечер да ја направат вредна за паметење.

„Во тек е промоцијата на најновата песна ’Пендолира‘, што ќе биде дел од најновиот албум. Ќе изведуваме музика и од постарите албуми и ќе има шаренило од годините зад нас, со претежно авторски песни, но и по некоја позната обработка. Верувам дека ќе биде една романтична вечер“, најавува Дејан Сибиновски-Сибо во пресрет на саботниот концерт во Скопје.

Концертот на „Баклава“ е бесплатен и е во организација на Конгресниот центар „Александар Македонски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП