24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСè поголем дел од домашниот буџет оди на храна

Сè поголем дел од домашниот буџет оди на храна

Сè поголем дел од домашниот буџет оди на храна. Во 2014-та 37.2% од приходите на домаќинствата биле потрошени за оваа намена, во 2015-та 38.5%, а во 2016-та 40.7%. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) две третини од парите се трошат за задоволување на основните потреби – храна, домување, покуќнина и облека.

Сепак, со овие пари просечната трпеза изгледа  скромно – многу леб и компир, малку месо и риба.

Македонецот во просек секој ден јаде по околу 200 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз. Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по околу 80 грама, грав 15, кромид и лук околу 30, исто толку и зелка. Домати во просек се јадат по 40 грама на ден, а пиперки по околу 60. Од овошјето најмногу се троши јужното, по околу 40 грама, потоа лубеници и дињи 30 грама, по исто толку јаболка и грозје 29 грама, кајсии и праски едвај надминуваат 10  грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 30-на грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко по околу 20 грама, речиси исто толку и свинско, а двојно помалку риба. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по речиси 30 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 100 милилитри млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и двојно помалку сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по речиси 40 грама  шеќер, околу 8 грама кафе и какао и нешто под 20 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.7 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Според ДЗС Македонецот во просек во 2016-та пушел по 2.25 цигари на ден, во 2015-та 2.33, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од најновата публикација на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2016-та“.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП