29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРА„Во окото на свеста“, трилер-роман на Хокан Несер

„Во окото на свеста“, трилер-роман на Хокан Несер

Издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Во окото на свеста“ од еден од најценетите шведски автори на трилер-романи Хокан Несер.

Романот е првиот од серијата крими-трилери од овој автор со најпопуларниот скандинавски детектив Ван Ветерен. Преводот на македонски е на Елизабета Божиноска. За фановите на скандинавските трилери Хокан Несер би требало да биде во првите пет од листата. Главниот инспектор Ван Ветерен се соочува со досега невиден случај на убиство.

Едно утро Јанек Митер се буди со ужасен мамурлак и открива дека неговата прекрасна сопруга лежи во кадата со главата надолу, мртва. Со недоволно силна одбрана, тој е прогласен за виновен за дело извршено под дејство на алкохол и страст и е затворен во институција за ментално болни. Сомнежите на инспекторот во врска со идентитетот на убиецот се променуваат кога Митер е пронајден мртов во својот кревет. Ван Ветерен под полна пареа ја почнува истрагата околу двете убиства. Наоѓа мистериозно писмо што Митер го напишал пред смртта. Писмото треба да му помогне да го открие убиецот и да ги пронајде шокантните корени на ова злодело. Минатото никогаш не престанува да ја прогонува сегашноста.

Ван Ветерен спаѓа меѓу најпознатите детективи во скандинавската крими-литература, познат по чудните и интересни проблесоци на зајадлив хумор, а ова е мрачна и загадочна книга, како што може да биде само еден квалитетен скандинавски трилер! „Од овој прекрасен роман на еден од најистакнатите шведски крими-писатели може да се напише сценарио за филм на Алфред Хичкок“, пишува во критиката кон романот во „Сандеј тајмс“. Хокан Несер (1950) е еден од најценетите шведски автори на трилер-романи. Студирал хуманистички науки. Дебитирал во 1988 година. Работел како учител до 1998 година, кога решава да продолжи исклучиво со писателската кариера. Живеел во Њујорк и во Лондон. Трипати ја има освоено наградата за најдобра шведска крими-книга. Неговите книги се преведени на повеќе од триесет јазици и се продадени во над петнаесет милиони копии. Во мај годинава од страна на холивудска продуцентска куќа почна да се снима првиот игран филм од трилогијата „Интриго“, според книгите на Хокан Несер. Во него ќе играат Сер Бен Кингсли, Бено Фурман, Тува Новотни и други.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП