24 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОФФМ: Писмото од УЕФА беше препратено за седум минути

ФФМ: Писмото од УЕФА беше препратено за седум минути

Во реакцијата на прес-конференција на генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, кој кажа дека писмото патувало седум дена до Владата, ФФМ вели дека забелешките на УЕФА за недостатоците на стадионот „Филип Втори“ за Суперкупот било препратено до Владата седум минути по примањето.

ФФМ ја информира Владата дека секој допис кој се однесува и е поврзан со организацијата на Супер Куп натпреварот меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед на 8 август го процесуираат до надлежните институции.

„Последниот, кој се споменува во медиумите е примен на 16. јуни, а по седум минути истиот ден, е препратен до одговорните лица задолжени за овој настан во Владата на РМ“, се вели во реакцијата на ФФМ.

Во однос на забелешките од УЕФА, од ФФМ велат дека доследно и навремено реагираат.

„Соработката со претставниците на УЕФА е постојана, а Фудбалската федерација на Македонија доследно и навремено реагира на сите забелешки кои се однесуваат на нашиот дел од обврските. На последната прес-конференција на која беа присутни претставници на УЕФА и претставници на клубовите финалисти, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед, тоа и се потврди. На низа состаноци сите страни вклучени во проектот се запознаени со текот на подготовките, а исто така, инспекција на УЕФА беше присутна и на натпреварот Македонија-Шпанија, како еден вид генерална проба за Супер Куп натпреварот.

Претходно, генералниот секретар на Владата Драги Рашковски кажа дека писмото од УЕФА од 15 јуни со недостатоците на стадионот „Филип Втори“ за Суперкупот патувало седум дена од ФФМ до Владата и праша: „Што правела ФФМ сите овие седум дена, зошто не го праќала и дали навистина има искрени намери сето ова да се одржи или едноставно ги прави работите да изгледаат покомплицирани, за после тоа да се докажуваме чија била вината. Загубата ќе биде на цела Република Македонија, на хотелиерите, на угостителските објекти, на репутацијата на земјата итн., нема да биде само на Владата на Република Македонија“, се вели во реакцијата на ФФМ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП