29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА22.672 денари просечна плата – кој ја добива оваа сума?

22.672 денари просечна плата – кој ја добива оваа сума?

Просечната плата во април достигнала 22.672 денари. За една година се зголемила за 1.4%. Според најновите податоци на Државниот завод за статистика најголем раст има во секторите: информации и комуникации (22.4%), рударство и вадење камен (14.7%), трговија (6.1%). Намалување има кај стручни и научни дејности (-14.6%), административни дејности (-3.6%), градежништвото (-1.7%).

Во април 0.9 од вработените во Македонија не земале плата.

Гледано по сектори, најдобро платени се работниците од финансии и осигурување, како и од снабдување со електрична енергија и гас; најслабо платени се работниците во хотелиерството, и преработувачката индустрија.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите, а најслабо  кожарите и чевларите.

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата.

Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Анализите на Finance Think покажуваат дека дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот. Апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности.

„Треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи, започнувајки од образовни програми. Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности, а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности“, велат од Finance Think.

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

Ова до некаде може да се испегла и со раст на минималецот.

Во програмата на Владата е наведено дека минималната плата ќе достигне до 16 илјади денари, а просечните примања ќе изнесуваат 30 илјади денари.

„Определбата на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. На крајот на мандатот, минималната плата во економијата треба да ги покрива неопходните трошоци за живот. Порастот на платите треба да прави притисок да се зголемува продуктивноста во економијата“ пишува во програмата.

Сепак, бизнисмените негодуваат – секое утврдување на минималец кој ќе биде повисок од можностите на бизнисот може да има сериозни последици, сметаат во Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

„Мислам дека и досегашниот Закон за минимална плата одигра одредена позитивна улога за ставање на ред во оваа област и за подигнување на стандардот на најниско платените работници. Досегашниот закон предвидуваше одредени периоди на усогласување на секторите со најниски плати, кои по четири до пет години го достигнуваа нивото што го имаше преостанатото стопанство“ вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП