29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОДавитков: Антиќ и Чековски рекоа дека ќе се обидат да помогнат

Давитков: Антиќ и Чековски рекоа дека ќе се обидат да помогнат

Јорданчо Давитков, селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, го означи почетокот на подготовките на националниот тим за претквалификацискиот циклус за пласман на Светското првенство во Кина.

Селекторот по една деценија се врати во Македонија и на кормилото на репрезентацијата, за првиот собир повика 24 играчи, меѓу кое се искусните Антиќ, Мекејлеб и Чековски. Давитков на прес-конференцијата рече дека тие ветиле дека ќе помогнат.

„На списокот ги ставив и искусните Чековски, Антиќ и Мекејлеб, кои рекоа дека ќе се обидат да помогнат колку што можат, но повеќе детали ќе имаме по прозивката вечер. Имаме и двајца натурализирани играчи, Мекејлеб и Теодор. Процедурата за добивање пасош на Џордан Теодор е во тек и очекувам тој да се појави на подготовките со мало задоцнување. Мекејлеб е резервна варијанта доколку нешто се комплицира“, рече селекторот.

Давитков нагласи дека ситуацијата е деликатна, споредувајќи ја ситуацијата со онаа од пред десет години, кога тој исто така беше селектор, а Македонија тогаш беше дел од Б дивизијата.

„Состојбата во репрезентацијата е деликатна и сите заедно ќе треба да работиме за да го вратиме националниот тим онаму каде што припаѓа. И кога првпат бев селектор, пред речиси 10 години и тогаш ситуацијата беше многу тешка кога моравме од Б дивизија да се вратиме во дивизија А, сега исто така состојбата е далеку од идеална. Ако некој каже дека пред нас се Естонија и Косово и дека ќе имаме лесна задача, ќе се лаже. Се уверивме и лани, се велеше дека Велика Британија и Унгарија се лесни противници, видовме дека не е така. Во Европа, кошарката е на едно многу повисоко ниво од порано и веќе нема слаби репрезентации, свесни сме за тоа и ќе сториме сè за да стигнеме до пласман во квалификациите за СП, што значи и автоматски пласман во квалификациите за наредното Европско првенство – со еден куршум – две ’жртви’“, рече Давитков.

На прес-конференцијата присуствуваше и првиот човек на МКФ, Петар Наумовски, кој уште еднаш му изрази целосна поддршка на селекторот.

„Ситуацијата е таква каква што е – не бегаме од одговорност, нормално е во услови во какви што сме да се бараат издржливи луѓе за да може да се надополни тој јаз од според мене десетина години во кои никој не обрнувал внимание на младинските категории. За мене, Давитков не е непозната личност, ние бевме соиграчи во најдобрата сезона на Работнички, а и цимери. Верувам во него и оптимист сум дека ќе успееме да ги оствариме потцртаните цели“, рече Наумоски.

Македонските репрезентативци првиот тренинг ќе го имаат вечерва, од 19 часот, во СЦ „Борис Трајковски“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП