19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСпоред Богов домашното задолжување не е опасно

Според Богов домашното задолжување не е опасно

„Македонија има можност за солиден инвестициски рејтинг во наредниот период, за разлика од изминатата година кога имаше политичката криза и таа негативно влијаеше на економските параметри“, рече гувернерот Димитар Богов при презентирањето на годишниот извештај на Народната банка во Собранието.

„Економската ситација е добра, но, сепак, не е идеална. Она од што се плашат инвеститорите е политичката неизвесност и неизвесноста околу евроинтеграциите. Доколку се стабилизираат овие два параметри, во наредните две до три години може да имаме значајно раздвижување на економијата во однос на инвестициите и граѓаните ќе можат да го почувствуваат бенефитот од нив“, рече гувернерот Богов.

Тој додава дека токму поради кризата, Македонија ќе ја заокружи 2107 година со економски раст од 2,5 проценти, наспроти проектираните 3,2. И во оваа пригода Богов рече дека јавниот долг не е алармантен, а државата се вбројува во ниско задолжени земји во регионот.

„Надворешниот долг според параметрите на Народната банка е 35% од БДП. Остатокот од вкупниот долг од 46% отпаѓа на домашниот долг, кој го пресметува Министерството за финансии. Сметам дека задолжувањето кај домашните банки не е опасно. Банките се стабилни и ликвидни. Би му советувал на Министерството за финансии да продолжи со оваа пракса“, рече Богов.

Пратеникот од редовите на СДСМ упати критика до гувернерот Димитар Богов, кој во досегашниот мандат молчеливо се однесувал кон политиките на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ.

„Гувернере Богов, сметам дека можевте со Ваша интервенција, погласно зборување да влијаете на одредени одлуки. Бевте молчеливи кога се издаваше еврообврзницата, за субвенционирањето на инвестициите во ТИРЗ зоните, за јавниот долг.“

Богов ги отфрли обвинувањата и рече дека секогаш бил јасен и транспарентен и предупредувал за последниците од економското опкружување.

„Еврообврзницата не ја издава гувернерот, тоа е владина одлука, се носи политички. Ако Владата реши да се задолжи, ќе се задолжи. Сега, доколку одлучи да прави фискална консолидација, но и тоа е нејзина одлука и се прави со проектирање на буџетот. Сум бил дел од тие роуд-шоуа затоа што присуството на гувернерот е со цел да даде попрецизни информации на инвеститорите кои ги бараат и не може да ги најдат за држава како Македонија. Инвестициите во последните години го зголемија процентот на извоз. Педесет отсто од извозот се должи токму на овие инвестиции“, појасни Богов.

Богов рече дека нема точна информација за вкупните загуби од минатогодишното шпекулирање за девалвација на денарот во однос на еврото, но информираше дека граѓаните изгубиле околу 4 милиони евра на камати при конвертирање од денари во евра.

Гувернерот ги предупреди граѓаните да бидат внимателни и со тргување со крипто валутите.Тој рече дека биткоионот е реален, но поради анонимност при плаќање може да биде искористен за криминал и перење пари.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП