25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинималец од 12.000 – Владата ветува, бизнисмените негодуваат, експертите скептични

Минималец од 12.000 – Владата ветува, бизнисмените негодуваат, експертите скептични

Минимална плата од 12 илјади до крајот на годинава и 16 илјади денари до крајот на мандатот. Владата ветува, синдикатите притискаат, бизнисмените негодуваат, експертите скептични.

Владата ветува

Во програмата на Владата е наведено дека минималната плата ќе достигне до 16 илјади денари, а просечните примања ќе изнесуваат 30 илјади денари.

„Определбата на Владата е да настојува да се подигне нивото на платите во економијата. На крајот на мандатот, минималната плата во економијата треба да ги покрива неопходните трошоци за живот. Порастот на платите треба да прави притисок да се зголемува продуктивноста во економијата“ пишува во програмата.

Бизнисмените негодуваат

Секое утврдување на минималец кој ќе биде повисок од можностите на бизнисот може да има сериозни последици, сметаат во Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ).

„Мислам дека и досегашниот Закон за минимална плата одигра одредена позитивна улога за ставање на ред во оваа област и за подигнување на стандардот на најниско платените работници. Досегашниот закон предвидуваше одредени периоди на усогласување на секторите со најниски плати, кои по четири до пет години го достигнуваа нивото што го имаше преостанатото стопанство“ вели Ангел Димитров, претседател на ОРМ.

Од Конфедерацијата на работодавачи (КРМ), пак, велат дека минималецот треба да се зголемува по сектори, односно да има различни стапки.

„Уште кога се донесе законот за минималната плата, ние моравме да се надминеме тогаш и да прифатиме дека секторски мораме да разговараме за минималната плата. Немаше да дојдеме до вакви состојби, бидејќи тогаш текстилот можеше да се задржи на 8, 9, 10, 11, 12.000, не е важно, меѓутоа другите сектори можеа навистина да си дозволат и да го зголемат нивото генерално на минималната плата во одредени сектори“ вели Миле Бошков, претседател на КРМ.

Експертите скептични

Наглото зголемување на минималецот може да има негативни ефекти, да ја наруши ликвидноста на компаниите особено на оние од трудоинтензивните дејности. Ова го покажале анализите на институтот Finance think.

„Наглото зголемување на минималната плата до предвидените 16.000 денари може да предизвика спротивен ефект ако работодавците не можат да го издржат овој товар… Треба да се објасни како ќе им се помогне на претпријатијата да го поднесат ова зголемување, а притоа тоа да не претставува притисок врз јавните финансии и врз јавниот долг“ заклучува Finance think во анализата.

На иста линија е и универзитетскиот професор Марјан Петрески.

“Моето разбирање е дека Владата ќе ја субвенционира разликата до повисоката минимална плата, но да не заборавиме дека тоа ќе повлече значаен контингент средства од буџетот, кои ќе мора да се најдат од некаде“ објаснува Петрески.

Синдикатите притискаат

Уште пред формирањето на новата Влада Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) почна да притиска за раст на минималецот. Нивните барања се корекцијата да биде за најмалку 20%.

„Платите се еден до најзначајните сегменти со оглед на фактот што нашите анализи покажаа дека скоро 60 проценти од вработените примаат до 20.000 денари, само 3,2 проценти примаат плата над 30.000 денари, додека над 40 проценти се со плата од 12.000 до 15.000 денари. Основната определба е да го отвориме процесот на зголемување на платите во Македонија“, изјави минатиот месец претседателот на ССМ Живко Митрески.

Речиси шест години од минималецот

Минималната плата во Македонија за прв пат беше законски воведена пред речиси шест години. Од октомври 2011-та загарантираниот месечен личен доход беше утврден на 8.050 денари во нето износ односно 12.265 денари во бруто.

За текстилната и кожарската индустрија имаше дополнителен период на прилагодување.

Законски минималецот се коригира секоја година – во 2013 изнесуваше 8.050 денари, во 2014 година 8.800 денари, во 2015 9.590 денари, а во 2016 година 10.080 денари.

Каде има највисок и најнизок минималец?

Според податоците на Евростат за 2015-та најмала минимална плата од сите земји – членки и кандидатки имале Албанија (157 евра), Бугарија (184 евра), Македонија (213 евра), Романија (217 евра) и Србија (235 евра).

Од друга страна највисоки загарантирани примања имале работниците во Луксембург (1.923 евра), Белгија и Холандија (1.501 евра), Ирска (1.462 евра).

Истата, 2015-та година, минималната плата на ниво на Соединетите американски држави била 1.035 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП