25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАСо настапите на Дамир Имамовиќ и Љубојна почнува 16-тото издание на ОфФест

Со настапите на Дамир Имамовиќ и Љубојна почнува 16-тото издание на ОфФест

Четиридневниот 16. ОфФест вечер ќе почне со два концерта во Македонскиот народен театар, соло-настап на Дамир Имамовиќ од Босна, најпознатиот изведувач на севдах кој е и интернационално афирмиран, а потоа е концертот на македонскиот етносостав „Љубојна“, кои ќе го промовираат новиот, деветти албум „Радио Љубојна“.

„Ќе се обидеме ‘Радио Љубојна’ да го сместиме во една убава, кадифена атмосфера, со цела топлина на звукот што ја носи“, рече Вера Милошевска.

Утре, на втората фестивалска вечер, ќе настапи групата „Бела чао“ во која членуваат неколку познати пејачки ѕвезди од Италија, кои на концертот ќе изведат од циклусот антифашистички, револуционери, слободумни песни од 1960-тите, а по нив со звуците на фадо ќе настапи Жизела Жоао од Португалија.

Од сабота, 27 мај, ОфФест ќе се пресели во Младинскиот културен центар, каде што во Дансинг салата ќе настапи виолинистката и пејачка од Естонија, Марја Нут, а по неа е настапот на корејската група „Блек стринг“, која негува спој на традиционална и современа музика со типични корејски инструменти, како геомунго и бамбусови флејти. Саботната вечер ќе заврши со полноќен концерт во клубот „Станица 26“ на познатото диџејско дуо „Ден Сорте Сколе“ од Данска.

Последната вечер на годинашниот ОфФест, в недела, 28 мај, ќе биде на африканска музика и спој на сахарски блуз и психоделичен рок. Ќе настапи „Кинг Ајисоба“ од Гана, на кој специјален гостин ќе биде Зеа од познатиот пост-панк бенд „Д екс“, кој е продуцент на новиот албум на Ајисоба, а фестивалот ќе го затвори Нура Минт Сејмали, водечки уметник од Мавританија на интернационалната сцена, која ќе има концерт со мавритански инструменти.

Во кино „Фросина“ претходно ќе биде прикажан и документарниот филм „Every Song Has Its End“ посветен на културолошкото богатство на традиционалната музика од Мали.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП