19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА17% од грчките пензионери се под 62 години и со пензија над...

17% од грчките пензионери се под 62 години и со пензија над 1.000 евра

Вкупно 17% од грчките пензионери се под 62 години и добиваат пензија помеѓу 1.000 и 1.137 евра. Ова го покажуваат податоците на Министерството за социјални работи на Грција, цитирани од „Катимерини“.

Станува збор главно за луѓе кои работеле во јавниот сектор, кои одат во пензија на возраст меѓу 56 години и 65 години. Тие добиваат и повисока од просечната пензија во земјата, која е во износ од 722 евра.

Повеќе од 1,2 милиони лица сепак добиваат пензија под 500 евра месечно, покажуваат уште податоците.

До декември 2016-та година во Грција има 2,63 милиони пензионери, а трошоците за нивните пензии се во износ од 2,3 милијарди евра. На возраст под 62 години се 452.000 пензионери, а 24% се над 81-годишна возраст.

Прашањето за пензиите е многу чувствителна тема во Грција. Од 2010-та година, на барање на меѓународните кредитори беа намалени парите за пензионерите на 23 пати, проценуваат од пензионерските организации во земјата. Така за седум години трошоците за пензии се намалиле за 50 милијарди евра.

Во последниот договор, договорен со кредиторите, Атина се согласи на ново кратење на пензиите во 2019-та година со 1 милијарда евра. Грчката Влада сепак го постави како услов за да го направи тоа по преглед на долгот и неговото олеснување.

Во оваа фаза Еврогрупата ја одложи својата одлука по вториот преглед на спасувачката програма за земјата. Седницата се одржа доцна синоќа и беше прекинувана за дополнителни разговори меѓу учесниците. На крајот сепак финансиските министри од еврозоната сепак прифатија дека ќе донесат конечна одлука на седницата на 15-ти јуни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП