19 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАПреведен на македонски бестселерот „Што сакаш од мене, љубов“

Преведен на македонски бестселерот „Што сакаш од мене, љубов“

Друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје деновиве ја објави книгата раскази „Што сакаш од мене, љубов?“ од познатиот галициски и шпански писател Мануел Ривас, во превод од шпански јазик на Александра Николоска.

Книгата е добитник на две високи книжевни награди во Шпанија – на Национална награда на Шпанија за литература и на наградата „Баљестер“, оригиналното издание е на галициски јазик, на шпански јазик има повеќе изданија и е преведена на многу јазици.

Мануел Ривас се смета за револуционерен и водечки автор во современата галициска литература, односно тој е најпознатиот и најпреведуван галициски писател.

Негова најпозната, најнаградувана и најпреведувана книга е збирката раскази „Што сакаш од мене, љубов?“ (1995). Содржи шеснаесет раскази во кои доминираат нежноста и хуморот и кои се одликуваат со висока естетска и книжевна вредност. Расказите се напишани со голема имагинација и поетичност. Секој расказ е необјаснив, необичен и непредвидлив, воведувајќи го читателот во оние пространства на човечката измислица кои немаат граници. Крајот на секој расказ треснува поради својата невозможност која наместа е шокантна, наместа тажна, наместа прекрасна, наместа недоискажана, но секогаш е гладна за човечката имагинација – таа на читателот. По нивното читање останува долгото необјасниво чувство на прочитана поезија и безгранична фантазија за еден безличен и студен свет.

Мануел Ривас (Коруња, 1957) е галициски писател, поет и новинар. Почетоците на новинарската кариера му се уште на рана возраст и во угледни шпански весници како „Ел идеал гаљего“ (каде што волонтира уште на петнаесетгодишна возраст), „Ла воз де Галисија“ и „Ел паис“, а станува уредник на галициската редакција на мадридскиот дневен весник „Диарио 16“. Студира информатика во Мадрид. Бил и сѐ уште е соработник на разни медиуми, шпански и галициски, како „Ел Паис“, „Ел Идеал Гаљего“, „Ла воз де Галисија“…

Начинот на кој Ривас ги третира зборот, автентичноста на изразот и нежноста на приказните, длабокото поетско ехо на неговите пораки, придонесоа неговите книги да добијат верна публика, не само во Европа туку и во Америка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП