19 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОФ4: Стартува завршниот викенд во Евролигата

Ф4: Стартува завршниот викенд во Евролигата

ЦСКА, Олимпијакос, Фенербахче и Реал Мадрид имаат подеднакви шанси да освојат титула во кошаркарската Евролига. Завршниот турнир во Евролигата започнува в петок со двете полуфинални пресметки, а ќе се заврши в недела кога ќе се одигра натпреварот за третото место и големото финале.

Завршниот турнир во Евролигата ќе го отворат бранителот на трофејот ЦСКА и грчки Олимпијакос. Натпреварот ќе почне во 17:30 часот.

„Сите говорат дека играме полуфинале, а за нас ова е како финале. По маратонската сезона, многу повреди и прилагоидувањата на новиот систем, сега дојде ред за завршниот турнир. Задоволни сме што дојдовме до шансата да го браниме трофејот. Имаме голема обврска кон клубот да дадеме сè од себе и да стигнеме до целта“, рекол Димитрис Итудис, тренерот на рускиот шампион.

Олимпијакос е екипа која во минатото победувала на значајни натпревари против ЦСКА, последен пат грчкиот тим славеше пред две години на завршниот турнир во Мадрид.

„Тој меч го имаме заборавено. Условите сега се многу поинакви, ЦСКА е европски првак, а ние по една година пауза се вративме на завршниот турнир. Од психолошки аспект, сега работите се многу поинакви“, рекол тренерот на Олимпијакос, Јанис Сфаропулос.

Во второто полуфинале, кое ќе почне во 20:30 часот, ќе играат минатогодишниот финалист Фенербахче и шпанскиот првак Реал.

Фенербахче оваа сезона сака да стигне до самиот крај откако минатата сезона го загуби финалето од ЦСКА по продолжението и со поените на Виктор Хријапа постигнати во последната секунда.

Инаку, тренерот на Фенербахче, Жељко Обрадовиќ, токму во Истанбул со Партизан во 1992 година ја освои првата од осумтте титули европски првак. Обрадовиќ титулата европски првак ја има освојувано со четири различни екипи: Партизан, Хувентуд, Реал и Панатинаикос.

„Поискусни сме во однос на изминатите две сезони, особено од минатата кога игравме во финалето. Нема фаворити на овој турнир, секој има шанса. Реал има девет титули европски првак, ЦСКА седум, Олимпијакос три“, рекол Обрадовиќ.

Играта на Фенербахче во многу нешта зависи од Богдан Богдановиќ, кој игра одлична сезона поради што беше избран во идеалната петорка на Евролигата.

„Мораме да заборавиме на сè она што се случувало во минатото. Полуфиналето е специфично, на завршниот турнир чувството е многу поинакво. Мораме да бидеме фокусирани и да го покажеме на теренот она што го работевме во текот на сезоната“, рекол српскиот бек.

Пабло Ласо, предводникот на Реал, ќе се обиде да стигне до втората евро титула како тренер на „Кралскиот клуб“. Реал во Истанбул ќе се обиде да ја освои јубилејната десетта титула во клупската историја.

„Секој ваков турнир е приказна за себе. Од Фенербахче загубивме четири од последните пет натпревари, но тоа не значи ништо. Тоа е статистика, кого тоа го интересира. Полуфиналето е нов натпревар и размислувам само за тој меч“, рекол Ласо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП