23 април, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОРаул Гонзалес: Конечно! Врањеш: Честитки за Вардар!

Раул Гонзалес: Конечно! Врањеш: Честитки за Вардар!

Стратегот кој успеа да ја всади својата ракометна филозофија во Вардар, Раул Гонзалес, на прес конференцијата по мечот со Фленсбург, ги пофали своите избраници и му честита на противникот за фер борбата.

„Само можам да кажам, конечно. Се гордеам со моите играчи. Даваат сè од себе целата оваа сезона. Но ја сакам да им се заблагодарам и на сите оние кои претходно беа во Вардар: Тоскиќ, Прибак, Чипурин, Брумен…сите придонесоа за овој успех. Овој натпревар беше многу тежок, Фленсбург е одличен тим, му посакувам среќа во борбата за титулата во Германија. Ние бевме одлични, одбраната беспрекорна, добро игравме и во нападот. После ова со Столе одиме во кафана“, рече Шпанецот.

Капитенот на тимот, Стојанче Стоилов, истакна дека Вардар бил подобар во двете средби, дека одиграл зрело и дека конечно тимот ќе игра на завршниот турнир.

„Цела сезона напорно работевме и тоа сега се исплати. Јас сакам да издвојам еден играч, кој ретко добива пофалби и обично е во сенка. Тоа е Илија Абутовиќ, тој е нашиот најдобар играч сезонава. Тој е одличен играч и човек“, рече Стоилов.

Врањеш: Честитки за Вардар, со три голмански интервенции не можеш да победиш

Тренерот на Фленсбург, Љубомир Врањеш, го призна поразот и елиминацијата на неговиот тим од Вардар во четвртфиналето во Лигата на шампионите.

Врањеш, призна дека Вардар бил подобар тим во двата натпревари и ја посочи најголемата слабост на неговиот тим во четвртфиналниот двомеч – голманите.

„Му честитам на Вардар, одиграа одличен натпревар, играа подобро во одбраната и во нападот него што тогаш го направија на првиот меч. Ние се обидувавме да направиме нешто повеќе, во вториот дел ризикував, игравме и 7 на 6, што речиси никогаш не го правиме, но не успеавме. Вардар и на првиот и на овој меч имаше нешто што ние го немавме, одлични голмански интервенции. Ако сакаш да победиш мора да имаш помош од голманите, ние тоа го немавме, имавме само три голмански интервенции. Честитки уште еднаш и му посакувам успех на Вардар во Келн“, рече Врањеш.

„Вардар играше добро, целиот тим играше на високо ниво. Атмосферата беше одлична, Вардар заслужи да победи. Како што кажа мојот тренер голманите беа клучни“, кратко искоментира еден од голманите на Фленсбург Кевин Мелер.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП