25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПродуктивност: Македонија на дното во Европа

Продуктивност: Македонија на дното во Европа

Технологија, кадар, менталитет. Комбинацијата на овие три фактори ја става Македонија на дното на Европа според продуктивноста на работниците.

Еден работник за еден час во земјава создава само 42.9% додадена вредност од просекот што го прават неговите колеги на ниво на Европската Унија покажуваат официјалните податоци на европската статистичка агенција Евростат.

Минимално подобро рангирана од Македонија е Бугарија со 43%. Романија има 56.3%, Хрватска 73.1%, Словенија 79.8%, Грција 87.1%.

Најпродуктивни се работниците во Луксембург со 163.2% од просекот, па Норвешка 152.5% и Швајцарија со 122.5%. Податоците се однесуваат на 2013-та и во нив ги нема Србија, Босна, Албанија и Косово.

Податоците на Народната Банка (НБРМ), пак, покажуваат дека продуктивноста во македонската економија има тенденција на минимален раст. Во првиот квартал од 2016-та немало промени, а во вториот и третиот квартал растот бил 0.2 односно 0.1 процент. НБРМ продуктивноста ја пресметува по формулата сооднос меѓу Бруто домашниот производ и бројот на вработени луѓе.

И истражувањата на економистите покажуваат дека и покрај владината политика за економски раст и развој, работникот пред 10-на години создавал речиси иста додадена вредност колку и сега.

„10 години имаме политика која што де факто не донела до никаков ефект на одржлив раст. Имаме политика што водела до некаков раст и голема редистрибуција на богатството, а не што водела до одржлив раст. Тоа значи дека ние денеска се наоѓаме во без малку истата ситуација како и тогаш само некои се посиромашни а некои се побогати“ изјави неодамна универзитетскиот професор Ванчо Узунов.

Старата технологија и рачната работа се главната причина за непродуктивноста на македонските работници, велат текстилците според кои мора многу повеќе да се вложува во современи машини и автоматизирано производство.

„Поради технологијата која се применува во текстилната бранша доаѓа до разлика меѓу вложениот труд и резултатот, тука е разликата. Мора да се работи на воведување на нови технологии а за тоа ни се потребни пари“ вели сопственик на конфекција која вработува 150 луѓе во Штип.

Друг проблем се и самите квалификации на работниците. Бизнисмените велат дека треба повеќе да се работи на прилагодување на образовниот систем на потребите на пазарот на труд.

„Потребна е доквалификација и доедукација на работната сила со цел да биде поконкурентна односно да може да најде вработување, но треба да се работи уште во самиот образовен систем. Активно сме вклучени во изготвувањето на наставните програми во средните стручни училишта за да се произведат кадри кои многу полесно ќе се вклучат во стопанството“ изјавија неодамна во Сојузот на стопански комори.

Дел од бизнисмените посочуваат уште друг проблем – менталитетот. Според нив работниците тешко се прилагодувале на новиот капиталистички систем.

„Ние имавме трансформација на нашето стопанството од социјалистичко во капиталистичко и нашите вработени се уште имаат остатоци од тој систем и од тоа време“ вели сопственик на фабрика за производство на делови за земјоделски машини.

Поголем проблем од обученоста и од технологијата се платите и бенефициите, сметаат синдикалците.

„Имаме висок квалитет и активност во работењето, но за жал платите се 10 пати помали од тоа што е во Европа. Работодавачот двојно ќе добие ако повеќе вложува во работникот, а за жал тоа не се случува во Македонија“ велат во Сојузот на синдикати на Македонија.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП