29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоја е најубавата банкнота во светот за 2016 година?

Која е најубавата банкнота во светот за 2016 година?

Новата банкнота од 50 швајцарски франци издадена минатата година од Швајцарската национална банка, беше избрана за најубава банкнота во светот за 2016-та година од страна на Меѓународното банкнотно општество (IBNS).

Непрофитната организација, основана во 1961-ва година, има за цел да ги зголемува информациите за банкнотите и за сите научни и историски прашања поврзани со нив.

Швајцарската банкнота успеа да се наметне при гласањето со мала предност пред банкнотата од 1.000 рупии на Малдивите, над аргентинската банкнота од 500 пезоси и новата банкнота од пет фунти, издадена од Шкотската банка.

Банкнотата победник, која беше пуштена во оптек во април 2016-та година, е со доминантна зелена боја. На едната страна таа отсликува рака со глуварче чии семки се расфрлани од ветрот, а на другата – параглајдерист кој прелетува над планините.

Така банкнотата од 50 франци ја менува новозеландската банкнота од пет долари, која беше прогласена за најубава во светот за 2015-та година. Во 2014-та година беше наградена новата банкнота од 50 долари на Тринидад и Тобаго.

Банкнотите кои се кандидати за титулата, треба да бидат номинирани за наградата од некој од над 2.000-те членови на општеството. Тие треба да го исполнуваат условот, а тоа е да бидат пуштени во промет за прв пат за време на тековната година.

Покрај уметничките детали на банкнотите, жирито го оценува и вградувањето на иновации од технички карактер и во областа на безбедноста.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП