25 април, 2024
ПочетнаКУЛТУРАБум на домашната литература – пазарот неподготвен

Бум на домашната литература – пазарот неподготвен

Светски а наши, може слободно да се каже за голем дел од романите што стигнуваат од младата и средна писателска генерација. Жанровски разновидни, модерни, храбри и романите и поезијата на младата генерација, се чини, повторно го популаризираа читањето на печатени изданија, во ерата на голема конкуренција од електронски библиотеки. Изданијата на домашни автори доживуваат исцрпени тиражи, па се печатат по втор или третпат.

Интересот кај читателите станува сè поголем, па се менува трендот во книжарниците повеќе да се бараат преводи на светската белетристика за сметка на нашата. Со ова се согласуваат и издавачите и авторите. Што се однесува до авторските права, тие кај нас се почитуваат, барем кога е во прашање литературата. Повод да проговориме на оваа тема е денешното одбележување на светскиот ден на книгата и авторското право, што кај нас се одбележа во Националната и универзитетска библиотекла „Св. Климент Охридски“. Овој ден е одреден во 1995 година од УНЕСКО во чест на датумот кога во 1616 година починале двајца великани на светската книжевност – Вилијам Шекспир и Мигуел де Сервантес.

Според Ѕвездан Георгиевски, новинар, публицист и писател, кај нас основен проблем е што немаме сериозен пазар на книги, а Министерството за култура иако поддржува печатење на стотици наслови годишно, нема стратегија за нивниот пласман.

„Барем што се однесува до книжевноста, во Македонија се почитуваат авторските права. Првенствено затоа што тие се најевтини. На крајот на краиштата, авторите и не инсистираат премногу на сопствените права водејќи се од идејата дека е поважно нивниот труд да види бел ден отколку да се „цевчи“ за некој денар повеќе или помалку. Всушност, основниот проблем е во тоа што Македонија нема и никогаш немала сериозен пазар за книги. На сила е еден интересен феномен: Министерството за култура на годишно ниво поддржува стотици и стотици наслови (да не говорам сега и за нивната сопствена издавачка дејност), а не поддржува дистрибуција на производот што го плаќа. Резултат на тоа е што во метрополата имате максимум три до четири функционални книжарници и исто толку во целата држава! Со други зборови, книжарниците се третираат како комерцијални и трговски објекти (исто како продавници за чевли или кафеани), а не како просветителски институции. Жално е што и библиотеките сè помалку откупуваат книги, смета Георгиевски, чиј роман „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, за кратко време се стекна со голема популарност.

Наградите, промоциите и споделувањата на социјалните мрежи го зголемуваат интересот кај читателите, па според Георгиевски, тоа е добар мотив за писателите.

„Среќната околност на оваа позиција е дека издавачите и книжарите се принудени да прават маркетинг на сопствените изданија и производи, па мислам дека на тоа се должи бумот на македонската литература, на кој сме сведоци во последниот период. Сепак, новите технологии, општата писменост, социјалната ситуација и низа други фактори условуваат продаден тираж од, на пример, 500 примероци во две години од една книга да направи бестселер. Се разбира дека ваквиот тираж никому нема да му донесе некаков особен ќар, освен можеби престиж. Но, без оглед на тоа, наградите, промоциите и социјалните мрежи, сепак, го зголемуваат интересот на читателите кон некое дело, а тоа повратно пак ги мотивира авторите и натаму да пишуваат. Од тој квантитет, како што можеме сите да забележиме, излегува и сериозен квалитет. Работа на државата и на културната политика е тој квалитет да го поддржи и прошири надвор од нашите граници, вели тој.

За писателката Лидија Димковска, според соодветна популаризација од страна на семејството, образовните институции и на државата треба да се погрижиме секој ден да биде ден на книгата.

„Имам впечаток дека во Македонија читател се станува случајно, а се останува или не – намерно. Всушност, не знам колку и како се чита, но оптимистички звучат изјавите на издавачите дека македонската литература се чита сѐ повеќе. Идеално би било кога ден на книгата би бил секој ден од нашиот живот. Тоа, всушност, и не е невозможно, но потребна е многу поголема грижа и посветеност од страна на семејството, образовните институции и на државата во целост – уште од мали нозе книгата да му стане најдобра пријателка на секого“, смета Димковска.

Генералниот секретар на Националната комисија на УНЕСКО Лидија Топузовска во денешното обраќањето во НУБ, истакна дека нашиот однос кон книгата во голема мера го одредува нашиот однос кон културата. Рече дека книгата има универзално и непроценливо значење за човештвото, дека е средство која ја изразува и во исто време ја зачувува културната разноликост на народите. Притоа го подвлече и апелот на УНЕСКО.

„Оваа година УНЕСКО овој ден го посвети на најранливите категории, со што се вклопува со хуманите принципи и иницијативи на оваа Организација на Обединетите нации. Во таа насока, ќе се обратам до сите надлежни институции и до поединци – да им помогнат на младите и на ранливите категории граѓани – да добијат квалитетно образование достапно до сите подеднакво, за да им овозможат еднакви можности за усовршување и вработување, рече Топузовска, цитирајќи ја Бокова од нејзината порака – хуманоста на едно општество се мери со степенот на грижата кон најранливите категории.

Во холот на НУБ беа изложени книги од македонски и од странски автори и, според стариот каталонски обичај, посетителите добија на подарок книга и роза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП