20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКолку денари постојат? За секој Македонец по 166 илјади!

Колку денари постојат? За секој Македонец по 166 илјади!

344 милијарди и 729 милиони. Ова е вкупната сума на денари што постојат! До неа се доаѓа кога ќе се соберат сите можни македонски пари – од паричниците, од душеците, од сефовите, од под каучите, од касите во продавниците; но и од трансакциските сметки и штедните книшки.

Доколку подеднакво би се поделиле за секој Македонец би имало по 166 илјади и 433 денари.

Податоците на Народната Банка (НБРМ) за паричната маса заклучно со април покажуваат дека најголем дел од денарите се електронски, постојат само на сметките во банките, 317 милијарди и 927 милиони. Во кеш односно отпечатени и исковани банкноти и монети има само 26 милијарди и  802 милиони денари. Има речиси 13 пати повеќе денари на банкарските сметки отколку што постојат готови пари во оптек.

„На годишна основа паричната маса оствари раст од 4.2%, при речиси еднаков придонес во годишниот раст на депозитните пари, краткорочните и долгорочните депозити“ се наведува во соопштението од НБРМ.

Но, како се „креираат“ парите? Се умножуваат со секој одобрен заем! Депозитите не стојат во трезорите на банките туку се распределуваат како кредити, а само минимален дел се задржува како „задолжителна резерва“ која мора да се чува.

Оваа стапка ја одредува централната банка на секоја земја, кај нас тоа е НБРМ, претставува еден од инструментите на монетарната политика со кој се влијае на кредитирањето. Како дополнување, банките можат да држат резерви и над пропишаниот минимум, наречени доброволни резерви, со кои можат да бидат посигурни дека нема да се соочат со недостиг од готовински средства.

Но, како се креираат парите? На пример, при стапка на задолжителна резерва од 10%, кога ќе се депонираат 100 денари, банката чува само 10, останатите 90 ги нуди како кредит. Така од 100 се добиваат 190 денари. Но, и овие 90 денари можат да завршат како депозит, банката ќе чува само 9, а останатите 81 ќе ги позајми. На овој начин од првичните 100 реални, отпечатени, денари се прават 100 + 90 + 81 или 271 денар. Процесот нема ограничување, освен задржувањето за резерва.

Но, кога банката креира пари, истовремено создава и обврска за оние кои позајмуваат. На крајот на овој процес на креирање пари економијата е поликвидна во смисла дека има повеќе средства за размена, но не е побогата од претходно.

Затоа во Македонија, но и во сите држави, има неколкукратно повеќе електронски, депозитни од реални, отпечатени пари.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП