29 март, 2024
ПочетнаКУЛТУРАОбјавен авантуристичкиот роман за деца „Двете принцези“ од Натали Спасова

Објавен авантуристичкиот роман за деца „Двете принцези“ од Натали Спасова

Во издание на „Македоника литера“ неодамна излезе од печат, романот за деца „Двете принцези“ од Натали Спасова. Станува збор за авантуристички роман наменет за деца, раскажан динамично со што се задржува нивното внимание.

Низ една забавна и возбудлива приказна, овој роман ги поттикнува децата да ги прифаќаат разликите, да одбиваат дискриминација и да бидат поотворени кон другите култури и начини на живот. Ги промовира концептите на толеранцијата и мирот, но и хуманоста и споделувањето.

Во дијалозите на две девојчиња е прикажано колку е бескрајна детската фантазија, а во нивните дела, детската храброст. Во свет каде што технологијата веќе го окупира и детството, тие две ја откриваат природата – со сите нејзини убавини, но и опасности.

Дејството се одвива во мал град, каде што главните хероини, Маја и Неза, кои случајно се здружуваат, наоѓаат мапа и одлучуваат да тргнат во потрага по царството во кое би можеле да го остварат сонот кој го сонуваат сите девојчиња на таа возраст – да станат принцези.

Нивната потрага ги води во нови возбудливи и непредвидливи авантури и настани. Дел од случувањата ќе ги доведат во опасност двете девојчиња кои сепак реалниот свет го гледаат низ една поинаква детска фантастична призма. Тоа што го наоѓаат на крајот, како што и најчесто се случува, не е тоа што го очекуваат, но сепак ги променува на одреден начин и ги учи на нешто ново.

Низ нивните авантури се отсликуваат животите на двете девојчиња во дваесет и првиот век, неразбрани најчесто од нецелосна фамилија, осамени заради преголемата зафатеност на нивниот родител и желно за авантури и откривање на нови светови. Двете девојчиња доаѓаат од различни светови, различни етнички заедници, со различни религии и од различни социјални слоеви, и прикажуваат слога, толеранција и разбирање кои се одлики на сите деца кои сѐ уште не го гледаат светот со предрасуди и безрезервно и се препуштаат само на детската игра.

Во „Две принцези“ младата авторка Натали Спасова го потврдува својот раскажувачки талент и сензибилитет кој изненадувачки рано го покажа и го потврди пред младите македонски читатели уште со својот прв роман за тинејџери „Прва љубов во Розевата улица“, рано напишан, а објавен уште на неполнолетна возраст.

И овој нејзин втор роман за деца, доаѓа како вистинско освежување во празнината од нови дела на млади и нови автори во литературата за деца. Романот може да се карактеризира како авантуристички роман, но тој пред сè е роман што соодветствува на детската психологија и на возраста за која е наменет. Динамичното и концизно раскажување само се надоврзува на вкусот на младиот читател, зашто децата сакаат директна и течна приказна, без многу опширна дескрипција. Книгата е илустрирана со цртежи на Тања Вукобрат

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП