24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕкономијата пред колапс – политичката криза ќе удри на стандардот!

Економијата пред колапс – политичката криза ќе удри на стандардот!

Политичката криза удри врз економската активност. Единствено брзо надминување на неизвесноста може да ги ублажи последиците кои веќе се чувствуваат, предупредуваат економистите.

„Ако политичката криза продолжи овие тенденции ќе бидат се посериозни. Доцнат субвенциите. Штом државата почнува да доцни како еден од големите работодавачи со своите обврски, синџирот е поврзан се до најситните компании кои се добавувачи на други компании… Странските компании се уште не реагираат, но ако продолжи несигурноста може да има реакција и од нив. Тие се генератори на најголем дел од извозот но и на вработувањата во последните години“ вели Борче Треновски, универзитетски професор.

На иста линија е и универзитетскиот професор Марија Зарезанкова Потевска. Според неа под закана е работењето на компаниите кои може дури да се доведат во ситуација да почнат да го намалуваат и бројот на вработени.

„Ако приватните компании нормално не работат со добивка тие се принудени да ги намалат трошоците и по цена да намалат производство и добивка само да не се во загуба. Така што не се исклучува и таа можност ако се продолжи вака, затоа што буџетот се алиментира со средства од претпријатијата и од граѓаните, преку ДДВ, плаќање придонеси и итн. Значи тоа е едно коло и ако една алка од тој синџир престане и се прекине, во секој случај прекинува и целокупниот процес“, смета Потевска.

Светската и европската економија закрепнуваат но тоа нема да има позитивно влијание и на македонската која ќе заостанува во стапките на раст. Во вакви периоди фирмите ги одложуваат инвестициите и ги чуваат и оние малку пари што ги имаат, а истото важи и за граѓаните кои купуваат само она што е навистина неопходно.

„Доколку ги погледнеме глобалните случувања и тенденции генерално се позитивни. Ако ја погледнеме прогнозираната стапка на раст на ЕУ и нашите најголеми трговски партнери има позитивно движење за следната година и годината после неа, што на некој начин анулира дел од негативните тенденции кои ги имаме во домашната економија. Се е поврзано со политичката криза и начинот на кој како ќе се справиме со истата, а која почна да го зема данокот“, смета Треновски.

Слични предупредувања дадоа и глобалните финансиски институции. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја намали проекцијата за раст на македонската економија од првичните 3.5 на 3.2 проценти. Ова е директна последица од политичките случувања.

„Неизвесноста во Македонија трае повеќе од две години што влијае на довербата, на растот, но и на економските политики. Македонија работеше многу напорно да се претстави како земја примамлива за инвеститорите. Ова придонесе за значителен прилив на странски директни инвестиции и на поттикнување на извозот. Но, инвеститорите не сакаат непредвидливост и политичка нестабилност. Постои ризик да се намали нивниот интерес ако продолжи неизвесноста“ вели во интервју за БИРН Џесмин Раман, шефица на канцеларијата во на ММФ во Скопје.

Претходно и Светската Банка ја намали проекцијата за раст – предвидува зголемување од 2.8% оваа и 3.3% следната година што е најмало во регионот.

„Растот значително забави како последица на намалените инвестиции кои беа погодени од политичката криза, а главен двигател на растот беше финалната потрошувачка, поткрепена од подобрувањето на пазарот на трудот и повисоките плати, како и трансфери од јавниот сектор“ се наведува во нивниот извештај.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП