25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКеш или картичка? Македонците сè уште го претпочитаат првото!

Кеш или картичка? Македонците сè уште го претпочитаат првото!

Македонците преферираат кеш. 71% од вкупниот промет со платежни картички е само подигнување на готовина од банкоматите. Сепак, трендот полека се менува – постојано расте бројот на издадени картички, на поставени банкомати и терминали во продавниците, како и на вкупен број на електронски трансакции. Минатата година со платежните картички бил остварен вкупен промет од 2 милијарди и 927 милиони евра.

Македонецот плаќа со картичка само 18 пати во годината

Македонецот плаќа со картичка само 18 пати во годината. Ова е просекот по глава на жител според податоците на Народната Банка (НБРМ) за 2016-та.

Ова е значително помалку во однос на земјите од регионот кои имаат просек од 45 трансакции и особено во однос на старите членки на ЕУ каде се прават по 102 трансакции.

Просечната вредност на сумата која се плаќа со картичка е 1.024 денари.

Податоците на НБРМ покажуваат дека Македонците преферираат кеш. 71% од вкупниот промет со платежни картички е само подигнување на готовина од банкоматите.

1.8 милиони платежни картички

Во Македонија се издадени 1 милион и 828 илјади платежни картички, заклучно со декември минатата година. Според податоците на НБРМ најголем дел (80%) се дебитни, а останатите кредитни (20%). 60% од картичките се Visa; 36% MasterCard; а 4% се American Express, Diners или останати.

„Како резултат на следењето на светските трендови и најновите техничко технолошки решенија во доменот на плаќањата, банките започнаа со промовирање на контактно без контактните картички. Бројот на овие картички на крајот на декември изнесуваше 252.851 или 14% од вкупниот број картички“ се наведува во годишниот извештај на НБРМ.

Над 1.000 банкомати

Во земјава има вкупно 1.039 банкомати, од нив 67% служат само за подигнување готовина, 25% имаат можност и за кредитен трансфер, а 8% опција за депонирање кеш.

„Се очекува дека тенденцијата на воведување на банкоматите со надградени, дополнителни функции ќе овозможи користи за сите страни вклучени во процесот на плаќањето, и тоа пред се кон промена на навиките на клиентите, односно користење на придобивките од софистицираните начини на плаќање, брзина и ефикасност во плаќањето, заштеда во времето на чекање на шалтерите на банките, а со тоа и намалување на рачната обработка на податоците на шалтерските работници“ анализира НБРМ.

Над 20.000 продавници прифаќаат картички

Низ земјава има 20.581 продажно место со вкупно 34.974 ПОС терминали односно апарати за плаќање со картички.

Постојат 612 виртуелни продажни места односно интернет сајтови со можност за плаќање со картичка.

244.000 блокирани сметки

117 илјади граѓани и фирми имале вкупно 244 илјади блокирани трансакциски сметки заклучно со крајот на 2016-та. За една година е забележано вкупно намалување од 2.1%.

Од блокираните сметки 190 илјади се на физички лица, а 53 илјади на компании. За една година кај граѓаните има зголемување од 5.8%, а кај фирмите намалување од 22.1%.

„Големиот пад на блокираните сметки на правните лица е прво вакво придвижување по појавата на глобалната криза во 2009 година и следува по период на речиси постојан раст на бројот на блокирани сметки… За 2016 година карактеристично е значително забавување на растот на блокираните сметки на физичките лица, во споредба со претходните две години кога беа забележани двоцифрени стапки на раст на блокираните сметки (од 35,4% и 19,1% во 2014 година и 2015 година, соодветно)“ се наведува во извештајот на НБРМ.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП