19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААрсовска Томовска: Посветени сме на обезбедување на квалитетно образование

Арсовска Томовска: Посветени сме на обезбедување на квалитетно образование

Во рамките на „Неделата на образованието“ во Париз, министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска во петокот учествуваше на меѓународниот Форум на високо ниво, насловен како: „Дигитални вештини и мобилно учење за инклузивен и одржлив развој“, во организација на УНЕСКО и на Меѓународната телекомуникациска унија (ITU), а во соработка со УНХЦР.

Форумот третираше политики од доменот на мобилното учење, односно нивната улога во поттикнувањето на иновативноста во образовниот сектор и стекнувањето на е-вештини. Учесниците, министри за информатика и за образование на држави од сите континенти во светот, како и претседатели на одбори или извршни директори на најголемите телеком оператори се осврнаа на теми како што се: дигитална писменост, унапредување на е-вештините и иновативноста во образовните процеси, како и начините за постигнување на Целите на Обединетите нации за одржлив развој, а особено на четвртата развојна цел: „Да се обезбеди инклузивно и правично квалитетно образование и да се промовираат можностите за доживотно учење за сите“.

Во таа насока, се разговараше и за модалитетите за обезбедување можности за пристап до информации, содржини и образование за бегалците долж бегалската рута. Арсовска Томовска се обрати на сесијата посветена на начинот на кој е-вештините можат да придонесат кон социо-економска инклузија, со посебен акцент на отворањето нови можности за вработување на младите.

„Посветени сме на обезбедувањето инклузивно и правично квалитетно образование и промовирање на можностите за доживотно учење за сите. Во таа насока, преземени се низа активности за имплементирање на адекватни системи за управување со учењето“, истакна Арсовска Томовска, посочувајќи го меѓу другото воведувањето на таканаречениот „леjтнер модел на едукација“, односно системот „Микроучење“ за јавната администрација, воведувањето на предметот алгоритамско размислување како основи на програмирање и работа со компјутер за учениците од третите одделенија, ваучери за компјутери и бесплатни интернет клубови итн.

На сесијата свои обраќања имаа и министрите за образование/ИКТ на Русија, Турција и Финска. Инаку „Неделата на образованието“ во Париз, во чии рамки се одржа Форумот, како и преку 70 панел сесии и дискусии, е предводник на конференцијата на УНЕСКО за ИКТ и образование и траеше пет дена, од 20 до 24 март.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП