25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПросечна плата од 22.750 денари – многумина под, малкумина над оваа сума!

Просечна плата од 22.750 денари – многумина под, малкумина над оваа сума!

Дали џебот ја демантира статистиката? Податоците на ДЗС покажуваат дека просечната плата изнесува 22.750 денари, но многумина се под а малкумина над оваа сума. Од друга страна секој петти Македонец живее во сиромаштија!

Раст на просечната плата од 2.2% за една година

Просечната плата во јануари 2016-та достигнала 22.750 денари, во однос на јануари 2015-та пораснала за 2.2% покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Ваквото зголемување се должи, пред сè, на растот на примањата во секторите: информации и комуникации (9.4%), јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (4.6%) и Рударство и вадење на камен (4.2%).

Пад на примањата има во секторите уметност, забава и рекреација, градежништвото.

Во јануари 1% од вработените не примиле плата.

Плата: највисока за програмерите, најниска за кожарите

Гледано по сектори, најдобро платени се работниците од финансии и осигурување, како и од снабдување со електрична енергија и гас; просечната плата кај нив надминува 39 илјади денари. Најслабо платени се работниците во хотелиерството, просек по речиси 16 илјади денари, па земјоделството скоро 17 илјади и преработувачката индустрија со нешто над 17 илјади денари.

Како поединечни професии најдобро платени се програмерите со околу 50 илјади денари, а најслабо платени се кожарите и чевларите со 11 илјади и 500 денари.

70% од работниците под просекот

Едни заработуваат навистина солидно, други едвај сврзуваат крај со крај. Според аналитичарите тоа е најголемиот проблем – големата разлика во примањата. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70% од работниците земаат плата под просечната.

„Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата“, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

Невработеноста е обратно пропорционално врзана за платите, објаснуваат економските аналитичари. Намалувањето на стапката на невработени значи зголемување на примањата на вработените поради пазарните механизми. Влијание имаат и синдикатите кои кај нас се слабо организирани.

Со просечна плата едвај се сврзува крај со крај

Трошоците на живот во февруари 2017-та во однос на февруари 2016-та пораснале за 0.2%, а цените на мало за 1.3%.

Храната и пијалаците поевтиниле за 2.3%, комуналиите за 0.3%, трошоците за здравје за 1.2%, за образование за 0.3%. Поскапување е забележано кај алкохолот и цигарите за 4.8%, облеката и обувките за 2.8%,транспортот и комуникациите за по околу 5%.

Државниот завод за статистика ги објавува трошоците на живот и цените на мало, но веќе со години не прави пресметка за потрошувачка кошница. Сојузот на синдикати ги прави овие математики, но нередовно. Последната пресметка е за декември лани. Синдикалната потрошувачка кошница за овој месец била тешка 32.102 денари, а во декември 2015-та 32.233 денари односно 131 денар или речиси 0.5% помалку.

13.175 денари или 41% одат за храна и пијалаци, а 10.455 денари односно 32.5% за трошоци за домување, 2.241 денар или 7% за хигиена.

Просечната плата за една година пораснала за 3.3%. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во декември 2016-та изнесувала 23.457 денари, а во декември 2015-та 22.715 денари.

Најголем раст има во секторите: уметност и рекреација за речиси 50%, информации и комуникации за 22%, стручни и научни дејности за 13%, како и градежништво за речиси 10%.

Сепак, просечната плата покрива само 70% од синдикалната кошница.

445.200 луѓе живеат под прагот на сиромаштија

5.8% од домаќинствата немаат када или туш; 6.9% немаат внатрешен тоалет; 3.8% немаат фиксен или мобилен телефон; 0.7% немаат телевизор; 28.5% немаат компјутер; 5.4% немаат машина за перење; 39.7% немаат автомобил; а 12.9% имаат покрив што протекува, влажни ѕидови или искршени и гнили прозорци. Ова го покажува Анализата на приходите и условите за живеење 2015-та на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Во Анализата се наведува и дека 30% од семејствата сметаат дека вкупните месечни приходи „многу тешко“ ги задоволуваат основните потреби, 26.8% се изјасниле „тешко“, 29.9% „со извесни тешкотии“, 9% „подносително лесно“, а само 0.7% „многу лесно“.

Статистичарите пресметале дека едно македонско семејство има вкупен годишен приход од 340.132 денари, во руралните средини тој достигнува 325.3278 а во урбаните 351.689 денари.

Стапката на сиромаштија во 2015-та била 21.5%, во 2014-та 22.1%, а во 2013-та 24.2%. Според последните податоци, за 2015-та година, во Македонија 445.200 луѓе живееле под прагот на сиромаштија која се дефинира како годишен приход од 164.560 за четиричлено домаќинство.

Во последните 20 години Македонија имала највисока стапка на сиромаштија во 2009-та година, изнесувала 31.1%. Најниска била во 1997-та, 19%.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП