23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГрад Скопје: Луна Паркот останува на истата површина

Град Скопје: Луна Паркот останува на истата површина

Луна Паркот ќе се протега на истата површина како и досега и нема да се зазема и уништува зеленило во Градскиот Парк, велат градските власти, негирајќи ги написите во некои медиуми дека за изградбата на забавниот парк ќе се уништат над 59.000 метри квадратни зеленило.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека според деталниот урбанистички план, големината на соодветните парцели изнесуваа 84.070 квадратни метри, додека самиот забавен парк ќе се протега на истата површина како и досега на површина од околу 24.000 метри квадратни (ДУП Централен градски парк-блок3 за урбанистичка парцела 3.1). Вкупната проценета вредност за изградба на Луна паркот, набавката на реквизити и нивното монтирање ќе изнесува околу 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра“, информираат од Град Скопје.

Главниот забавен дел на паркот ќе има два адреналински реквизити, шест семејни и 18 детски реквизити. Во паркот ќе има разни видови лулашки, вртелешки, тобогани и сличен вид на забавно-рекреативни содржини.

Во Луна паркот во отворениот дел ќе има влезна партија со билетарница, продавница за сувенири, ресторани, канцеларии за администрацијата, тоалети и гардероби за вработените, како и затворен мултинаменски објект со облик на
школка.

Целиот простор во Луна паркот ќе биде партерно и хортикултурно уреден и
ќе биде поставена урбана опрема во согласност со темите кои ги прикажува забавниот парк.

„Со овие постапки, скопјани конечно ќе добијат нов, модерен забавен парк, со нова опрема и реквизити, кој не е обновен од неговата изградба во 1973 година“, велат од Град Скопје.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП