29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПроект „Исправи се“ на општина Центар за здрав рбетен столб кај основците

Проект „Исправи се“ на општина Центар за здрав рбетен столб кај основците

Симболично, на првиот ден од пролетта, општина Центар го започна проектот “Исправи се“.

Со овој проект, 1.111 ученици од прво и второ одделение од сите седум основни општински училишта во Центар ќе бидат прегледани од стручни лекарски тимови за навремено дијагностицирање на било какви деформитети кај децата.

Искривувањето на ’рбетниот столб како сколиоза, лордоза, кифоза, неправилно држење на телото и деформитетите на долните екстремитети и на стапалата, се потенцијална опасност, особено за децата на оваа возраст. Несоодветниот пристап кон овие деформитети може да доведе до сериозни последици.

“Општина Центар се грижи за своите најмлади жители и за нивниот здрав раст и развој. Затоа, го почнуваме овој пилот проект со учениците од прво и второ одделение, но ги повикуваме и родителите и наставниците по физичко и здравствено образование да пријават доколку и кај деца од повисоките одделенија забележат неправилно држење на телото или деформитет“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

Проектот започна кај децата во основното училиште “Јохан Хајнрих Песталоци“ и продолжува во сите основни училишта во Центар.

Се прават дијагностички превентивни прегледи на ’рбетниот столб и на долните екстремитети за дијагностицирање на било какви неправилности, со што ќе може побрзо да се дејствува за нивно корегирање и отстранување.

Проектот “Исправи се“ општина Центар го реализира во соработка со ординацијата за физикална медицина и рехабилитација “Твое Здравје“, а секој родител ќе добие извештај за наодите на своето дете.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП