20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСкопје меѓу трите европски града со најдобри решенија за одржлива мобилност

Скопје меѓу трите европски града со најдобри решенија за одржлива мобилност

Градот Скопје е меѓу трите европски града со најдобри решенија за одржлива мобилност, заедно со градовите Лисабон (Португалија) и Малме (Шведска).

Наградата на Европската недела на мобилност 2016, којашто оддава признание на локалните власти кои вложуваат напори за подобрување и промовирање на одржливиот урбан транспорт беше доделена во понеделникот, во Брисел, а му припадна на градот Малме.

На доделувањето на наградата на Европската недела на мобилност 2016 присуствуваше градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.

„Ми претставува големо задоволство што Градот Скопје влезе меѓу трите европски града со најдобра мобилност за 2016 година, односно е финалист за престижната награда на Европската недела на мобилност. Проектите кои успешно ги реализираше Градот Скопје и по кои не оценуваше Европската комисија се пред се во подобрувањето на јавниот автобуски превоз, односно воведувањето на Системот за автоматска локација на автобусите и електронска наплата на билетите, како и вклучувањето на приватните превозници во единствениот систем за јавен превоз во градот; функционирањето на Центарот за управување и контрола на сообраќајот којшто контролира 90 крстосници во градот, набавката на електромобили; изградбата и реконструкцијата на две велосипедски рути кои се протегаат од едниот крај на градот до другиот, како и нашите активности за промоција на велосипедот како превозно средство. Европската комисија го препозна напредокот во Скопје во однос на одржливата мобилност и ни даде поттик и во периодот што е пред нас посветено да работиме во интерес на граѓаните и на подобрување на условите за одржливо движење во градот“, рече градоначалникот Коце Трајановски.

Наградата на Европската недела на мобилност се однесува на петнаесеттото издание на Европската недела на мобилност (ЕНМ) што се одржа од 16 до 22 септември 2016 година, а во кое се вклучија 2.427 града, што е најмасовно учество во оваа манифестација досега.

Независен панел експерти од областа на мобилноста и транспортот издвоија 10 кандидати и три финалисти меѓу поднесените 63 апликации од 23 земји. Во потесниот избор градови влегоа и: Бјалисток (Полска); Крушевац (Србија); Палма (Шпанија); Прага (Чешка); Самос (Грција); Софија (Бугарија) и Валенсија (Шпанија).

Според Европската комисија, Скопје се истакна со својата долгорочна визија за одржливи начини на превоз, напредок во обезбедувањето подобри транспортни услуги за граѓаните, како и посветеноста на проектот SOCIALCAR кој на граѓаните ќе им овозможи да го споделат своето возило со другите, да заштедат пари за превоз и да ја заштитат животната средина.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП