19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАРаст на цените на нафтата

Раст на цените на нафтата

oil produk3

Цените на нафтата пораснаа во понеделник на меѓународните пазари кон 57 американски долари, поттикнати од новите сигнали од Организацијата на земји извознички на нафта(ОПЕК) за ограничување на снабдувањето, додека американските производители и натаму го зголемуваат производството од шкрилци.

На лондонската берза цената на барелот порасна 55 центи во однос на претходното затворање и изнесуваше 56,54 УСД.

На американскиот пазар барелот се тргуваше по 39 центи повисока цена од 54,38 УСД.

Пазарот и натаму ја следи реализацијата на водечките производители од ноември минатата година, според кој производството во првата половина на оваа година би требало да биде намалено на 1,8 милиони барели дневно.

Минатата недела генералниот секретар на ОПЕК, Мохамед Баркиндо, потврди уште во јануари дека се достигнати околу 90 отсто од зацртаното намалување.

Во меѓувреме и Ирак и Обединетите арапски емирати, кои досега најмногу заостануваа во спроведувањето, порачаа дека ќе забрзаат со реализација на зацртаната квота.

Сенка врз нивните настојувања фрла реакцијата на американските производители на повисоките цени на нафтата.

Американските компании го зголемија производството од шкрилци, па на крајот на минатата недела бројот на бушотини во САД достигна 602, најмногу од октомври 2015 година, објави советодавната компанија Baker Hughes Inc.

Податоците покажуваат дека изминатите две седмици се отворени дури 15 нови постројки.

Одвоено, ОПЕК објави дека цената на барелот на референтната кошничка на неговата нафта во петок изнесувала 53,61 УСД, што е 34 центи помалку во однос на претходниот трговски ден

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП