19 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИTakata се согласи да плати 1 милијарда долари за дефектите на воздушните...

Takata се согласи да плати 1 милијарда долари за дефектите на воздушните перничиња

takata353

Јапонскиот производител на автомобилски делови „Takata“ се изјасни за виновен за измама и се согласи да плати 1 милијарда долари како казна за тоа што го сокрил дефектот во милиони компресорски пумпи за воздушни перничиња, соопштија светските агенции.

Компанијата призна пред суд во САД дека го криела проблемот, кој може да доведе до експлозија на пумпите со премногу голема сила, да растера парчиња кон возачот и патниците.

Дефектот, довел до смрт на 16 лица во целиот свет, од кои 11 во САД, и до ранување на над 180 лица, а тоа беше причина за повлекувањето на милиони автомобили и компресорски пумпи.

„Takata“ се согласи да плати 850 милиони долари отштета за автомобилските производители, 125 милиони долари за жртвите и нивните семејства и 25 милиони долари кривична казна од американската влада.

Адвокатите на тужителите по десетици поврзани дела со дефектот во САД поднесоа судски документи во кои ги обвинија автомобилските компании „Honda“, „Toyota“, „Nissan“, „Ford“ и „BMW“ дека знаеле за проблематичните воздушни перничиња, но продолжиле да ги користат со години за да заштедат пари.

„Takata“ е еден од најголемите снабдувачи на автомобилска опрема за безбедност. Американското Министерство за правда вели уште во почетокот на годината дека компанијата ќе биде подложена на тригодишен надзор од независни набљудувачи, откако се изјасни за виновна.

Во исто време властите обвинија тројца поранешни извршни директори на „Takata“ за измама и заговор заради неисправните уреди за надувување на воздушните перничиња.

Минатата година „Takata“ поднесе извештаи до американските регулатори за автомобилска безбедност, потврдувајќи дека речиси 14 милиони уреди за надувување се неисправни. Тогаш компанијата договори проширување за повлекувањето на 35 милиони до 40 милиони воздушни перничиња на неколку наврати до 2019-та година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП