25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСе живее ли подобро? Џебот ја демантира статистиката!

Се живее ли подобро? Џебот ја демантира статистиката!

empty

Намалени трошоци на живот, зголемена просечна плата. Статистиката покажува дека Македонецот живее подобро од пред една година, но дали е навистина така?

Раст на просечната плата од 3.3% за една година

Просечната плата за една година пораснала за 3.3%. Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) во декември 2016-та изнесувала 23.457 денари, а во декември 2015-та 22.715 денари.

Најголем раст има во секторите: уметност и рекреација за речиси 50%, информации и комуникации за 22%, стручни и научни дејности за 13%, како и градежништво за речиси 10%.

Највисоки плати во Македонија имаат програмерите, во просек добиваат по речиси 67 илјади денари. Правниците и сметководителите заработуваат по речиси 60 илјади, вработените во воздухопловството скоро 55 илјади, фармацевтите 44 илјади.

Најниски плати имаат рибарите кои добиваат по 11.656 денари, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија, заработуваат 11.807 односно 13.434 денари.

Пад на трошоците на живот од 0.1% за една година

Трошоците на живот се намалени за 0.1% за една година, а цените на мало се останати на истото ниво. Според ДЗС во декември 2016-та во однос на 2015-та поевтинување има кај храната и пијалаците за 0.4%, алкохолот и цигарите за 0.2%. Зголемување има кај трошоците за рекреација и култура за 1.2%, транспорт за 0.5%, облека за 0.2%.

Според последните податоци на ССМ за декември, синдикалната минимална кошница изнесува 32 илјади 102 денара. Од нив, 13 илјади и 175 денари (41%) одат за храна и пијалаци, а 10 илјади 455 денари (32,5%) за домување.

Синдикалната кошница полесна за 0.5%

Намалените трошоци на живот се одразија и на потрошувачката кошница што ја пресметува Сојузот на синдикати (ССМ). Тие пресметале дека таа во декември 2016-та била тешка 32.102 денари, а во декември 2015-та 32.233 денари односно 131 денар или речиси 0.5% помалку.

13.175 денари или 41% одат за храна и пијалаци, а 10.455 денари односно 32.5% за трошоци за домување, 2.241 денар или 7% за хигиена…

Просечната плата од 22.715 денари покрива само 70% од синдикалната кошница која тежи 32.102 денара!

Скромна трпеза – многу леб и компир, малку месо и риба

Платите и цените секако се одразуваат и на трпезата. Македонецот во просек секој ден јаде по 199 грама леб, 95 житарки, 20 грама тестенини, 20 грама ориз.

Од зеленчукот најмногу се консумира компир, по 81 грам на ден, потоа грав по 16 грама, кромид и лук 27 грама, зелка 28 грама, домати 41 грам, пиперки 62 грама и краставици 18 грама.

Од овошјето најмногу се троши јужното, по 44 грама на ден, потоа лубеници и дињи 31 грам, јаболка 30 грама, грозје 29 грама, кајсии и праски 12 грама просечна дневна потрошувачка по човек.

Од месото најконсумирано е пилешкото и мисиркиното, по 33 грама просечна дневна потрошувачка, потоа јунешко и телешко 19 грама, 18 свинско грама, свежа и замрзната риба 14 грама. Месни преработки односно салами, паштети и колбаси се јадат во просек по 28 грама на ден.

Од млечните производи просечната потрошувачка е по 102 грама млеко, 60 грама кисело млеко и јогурт и 29 грама сирење.

Во просек Македонецот јаде и по 1 јајце секој втор ден.

Статистичарите пресметале дека се консумираат и по 37 грама шеќер, 7.6 грама кафе и какао и 18 грама чоколади и кекси.

Потрошувачката на алкохол на годишно ниво е 1.7 литри вино, 10 литри пиво и 0.73 литри жестоки пијалаци за секој Македонец.

Потрошувачката на цигари оди во нагорна линија. Според ДЗС Македонецот во просек во 2015-та пушел по 2.33 цигари на ден, во 2014-та по 1.96, а во 2013-та по 1.78 цигари на ден.

Податоците се од публикацијата на Државниот завод за статистика (ДЗС) „Потрошувачката за домаќинствата во 2015-та“.

Европски плати: најниски во Украина, највисоки во Швајцарија

Во Европа најниска просечна плата се исплаќа во Украина, изнесува само 180 евра. Следат Молдавија со 230 евра, Белорусија со 349, Македонија со 380, Албанија со 397, Бугарија со 406, Србија со 432, Босна со 436, црна Гора со 508 евра.

Најдобро платени се работниците во Швајцарија, просечната месечна плата изнесува фантастични 5.020 евра! Во Норвешка просекот е 3.700, во Исланд 3.367, во Шведска и Данска по 3.100, а во Финска, Франција и Ирска по околу 2.500 евра.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП