19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајнови вести од светот

Најнови вести од светот

najnovi-vesti

Најнови вести од светот 29.04.2013

 

Рим – Италија продаде шестмесечни обврзници вредни 8 милијарди евра, со пониска каматна стапка во однос на претходната слича аукција, што укажува на тоа дека загриженоста на инвеститорите спласна и покрај одложувањето на преговорите за основање на нова влада. Приносите на облигациите паднаа на 0,503 од 0,831 отсто, колку што изнесуваа на аукцијата одржана на 26 март, а обемот на собраните пари ја надмина максималната цел, иако побарувачката беше пониска од претходната аукција. Многу аналитичари предвидуваа дека новата влада ќе се основа до викендот, по двомесечниот ќорсокак во кој Италија се најде по општите избори во февруари.

 

Франкфурт – Малите и средни компании МСП во еврозоната и понатаму имаат проблеми при обезбедување на кредитите, покажа анкетата која ја спроведе Европската централна банка. Анкетираните фирми навеле дека нивните потреби за финансирање во период од октомври до март се зголемени, но дека достапноста на кредитите од банките е намалена, наведе ЕЦБ. Во анкетата учествуваа 7.510 компании од 17 земји кои како валута го користат еврото, од кои најголемиот дел имаат помалку од 250 вработени.

 

Берлин – Германскиот хемиски гигант БАСФ наведува дека во 2013 година забележал солиден старт со раст на приходите и основна заработка во првиот квартал и покрај падот на нето профитот. Компанијата укажа дека во првите три месеци оваа година нето профитот е намален за 15,1 отсто на 1,44 милијарди евра, најмногу поради тоа што профитот од истиот период лани бил висок благодарение на секторот за производство на ѓубрива. Профитот од работењето, пред одбивање на каматите и данокот, пораснал за 10,1 отсто на 2,21 милијарда евра, додека приходите пораснаа за 4,8 отсто на 19,73 милијарди.

 

Берн – Компанијата Неспресо, во сопственост на швајцарскиот гигант Нестле, почна изградба на трета фабрика во швајцарскиот град Ромона, која ќе почне со работа во првите шест месеци во 2015 година. Во фабриката Неспресо во Ромона ќе бидат вработени 200 работници, а управата на компанијата планира проширување на производните капацитети до 2016 година, кога бројот на вработените треба да биде зголемен на 400, пренесоа швајцарските електронски медиуми. Во изградба на фабриката со површина од 21.000 метри квадратни ќе се инвестираат над 300 милиони франци.

 

Токио – Банката на Јапонија БоЈ ги зголеми прогнозите за инфлацијата и економскиот раст, сметајќи дека на дефлацијата и се гледа крајот. Банката очекува стопански раст од 2,9 отсто колку што прогнозираше во јануари. Инфлацијата веројатно ќе забрза на 0,7 отсто во однос на претходно очекуваните 0,4 отсто се додава во соопштението на БоЈ.

 

Токио – Јапонскиот производител на автомобилите Хонда соопшти дека нето профитот во деловната година која заврши во март пораснал за 73,6 отсто, на 3,7 милијарди долари, благодарение на добрата продажба во странство, слабиот јен и намалените трошоци. Третиот по големина производител на возила наведе дека во изминатата фискална година заработил 367,15 милијарди јени (3,7 милијарди долари) со приходи од 9,87 билиони јени, во однос на 7,95 билиони од претходната година. Хонда исто така наведува дека во дадениот период профитот од работењето пораснал за дури 135,5 отсто во однос на претходната година, на 544,8 милијарди јени.

 

Њујорк – Нето профитот на компанијата Њујорк тајмс во првото тромесечје оваа година е намален за 97 отсто на годишно ниво, на 3 милиони долари. Приходите истовремено се намалени за 2 отсто, на 466 милиони долари, а заработката од реклами е пониска 11 отсто, објави претседателот на издавачката куќа Марк Томпсон. Компанијата, чиј главен производ е дневниот весник Њујорк тајмс, е загрижена поради падот на бројот на претплатниците, пренесоа агенциите.

 

Њујорк – Американската банка Ситигруп соопшти дека ќе ја купи депозитната банка на холандскиот ривал ИНГ во Источна Европа. Аквизицијата покрива средства вредни 110 милијарди евра во седум земји: Бугарија, Унгарија, Чешка, Романија, Русија, Словачка и Украина, се наведува во заедничкото соопштение на банките. Трансакцијата чија вредност не е објавена, ќе се финализира во првиот квартал идната година наведе Ситигруп, чии средства во депозитното работење се 13,5 билиони долари, што таа банка ја прави една од најголемите во областа на депозитното работење во светот.

 

Сеул – Јужнокорејскиот производител на автомобили Киа Моторс обелодени дека во првиот квартал нето профитот е намален за 35 отсто на годишно ниво, поради силниот вон и прекинот на работата. Вториот по големина производител на возила во Јужна Кореја наведе дека нето профитот во првите три месеци оваа година паднал на 784 милијарди вони (706 милиони долари), во однос на 1,2 билиони вони од истиот период лани. Профитот од работењето исто така е намален за 35 отсто на 704,2 милиона вони, а приходите паднале за 6 отсто на 11,08 билиони вони.

 

Белград – Хемиската компанија БАСФ ја зголеми продажбата и приходите од работењето пред даночењето ЕБИТ во првиот квартал оваа година за 5 отсто на 19,7 милијарди евра. Како што се наведува во соопштението на компанијата, продажбата посебно пораснала како резултат на зголемената побарувачка на производи за заштита на растенија и зголемениот обем на работа во секторот на нафта и гас. ЕБИТ пред даночењето пораснал за 10 отсто на 2,2 милијарди евра.

 

Париз – Францускиот производител на автомобили Рено соопшти дека неговиот јапонски партнер Нисан ќе произведува нова генерација на мал градски автомобил микра во фабриката Рено во градчето Фланс кај Париз. Новата микра ќе се произведува од 2016 година во фабрика на Рено во Фланс, од која годишно ќе излегуваат 82.000 такви автомобили, се наведува во заедничкото соопштение на компаниите. Рено со своите работници во Франција минатиот месец постигна договор за платите и работното време, кој му овозможува да ја зголеми конкурентноста и да го покрене производството на Нисан во својата фабрика. Претседателот на Управниот одбор на компанијата БАСФ СЕ Курт Бок оцени дека почетокот на годината бил солиден.

 

Женева – Поранешниот мексикански министер за трговија Ерминио Бланко и бразилскиот дипломат Роберто Азеведо се главни кандидати за функцијата следен генерален директор на Светската трговска организација СТО. По повеќемесечните консултации меѓу амбасадорите од 159 земји и други членки како што се Хонг Конг и Макао, трката е стесната на двајца кандидати. Првиот од нив е економист со црн појас во карате, а вториот харизматичен амбасадор кој добро е познат во меѓународните кругови.

 

Вашингтон, Париз – Американската нафтена компанија Шеврон објави дека во првото тромесечје оваа година остварила понизок нето профит во однос на истиот период лани, но вредноста на профитот сепак била поголема од очекуваната. Втората американска компанија по Ексон Мобил во првиот квартал оваа година забележа нето профит од 6,2 милијарди долари, во однос на 6,5 милијарди во истиот период лани. Нето профитот по акција бил 3,18 долари, додека аналитичарите очекувале 3,07 долари. Приходите на Шеврон во истиот период се намалени по падот на цените на нафтата, така изнесувале 54 милијарди долари, во однос на 59 милијарди пред една година.

 

Женева – Швајцарската централна банка за прв пат објави каде ги чува 1.040 тони злато, наведувајќи дека речиси една третина ги чува во странство, т.е. во Велика Британија и Канада. Гувернерот на централната банка Томас Јордан на годишниот состанок на акционери рече дека 70 отсто резерви се чуваат во Швајцарија, 20 отсто во централната банка на Британија, а 10 отсто во централната банка на Канада. Гувернерот ги отфрли тезите дека централната банка мора да го врати златото во земјата или да ги зголеми вкупните резерви. Во време на Втората светска војна и Студената војна, неколку централни банки во Европа предале дел од своите златни резерви на чување во други земји. Меѓутоа, превирањата на финансиските пазари во последните неколку години влијаеле на раст на загриженост меѓу Европјаните во врска со финансиската безбедност на земјите.

 

Москва – ИТ гигантот Касперски, официјален спонзор на Ферари Скудериа тимот, соопшти дека направил безбедносни решенија специфично наменети за потребите на овој светски познат бренд. Касперски Лаб е спонзор на Ферари од 2010 година, а во април оваа година договорено е петгодишно партнерство, со што Ферари ќе добие комплетен ендпоинт ИТ заштита, се наведува во соопштението. Се истакнува дека ова решение е направено така да ги задоволи специфичните потреби на италијанската компанија и развиено е по шест месеци работа и ригорозно тестирање. Касперски ендпоинт ќе биде инсталиран на околу 4.000 компјутери, а понатаму инсталациите ќе се одвиваат во следните неколку години за да се покријат сите уреди на компанијата Ферари. Проектот е единствен репер за индустријата, со оглед на тоа дека Ферари има посебни потреби во поглед на безбедноста.

 

Мадрид – Шпанската економија според прогнозите на владата, ќе падне за 1,3 отсто оваа година, но веќе идната година се очекува раст од 0,5 отсто. Невработеноста може да падне на 26,7 отсто во текот на 2014 година, а во 2015 година ќе падне на 25 отсто, соопшти владата. Според прогнозите на шпанската влада, буџетскиот дефицит оваа година ќе биде 6,3 отсто од БДП, што е значително над претходната прогноза и до 2016 година нема да падне под границата на ЕУ од 3 отсто од БДП. Прогнозата за растот на стопанството за оваа година значително е пониска во однос на претходната проценка на успорување од 0,5 отсто и ги одразува актуелните негативни последици настанати со пукање на балонот на недвижнините во 2008 година.

 

Берлин – Германската канцеларка Ангела Меркел не сакаше да влијае на одлуката на Европската централна банка за референтната каматна стапка кога влезе во дебата по тоа прашање, изјави нејзиниот портпарол Штефен Зајберт. – Апсолутно не постои никаква причина за претпоставка дека канцеларката во својот говор на било кој начин сакала да упати совет или предлог до ЕЦБ – изјави Зајберт на редовната владина конференција за новинарите. – Меркел во целост ја почитува независноста на ЕЦБ и ќе продолжи тоа да го прави во иднина – рече тој. Канцеларката изјави дека ЕЦБ има тешка задача за одредување на каматна стапка која ги задоволува потребите на сите земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП