25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЖените најчесто не успеваат да стигнат до клучните позиции

Жените најчесто не успеваат да стигнат до клучните позиции

zeni samit3

Македонија добро котира во однос на родовата еднаквост, нема толку разлики на кој начин се третираат жените, но тие не успеваат да стигнат до клучните позиции во општеството, беше речено на Глобалниот самит на жени лидери што почна во Скопје, а на кој учествуваат повеќе од 300 жени од пет континенти и околу 40 панелисти кои ќе ги споделат своите искуства како да се биде жена лидер.

Според сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова, која е покровител на настанот, смета дека само со љубов, посветеност, залагања и упорност може да се биде успешен и да се постигнат зацртаните планови и цели.

„Улогата на жената лидер, на жената предводник, а уште повеќе на жената која ја има улогата на прва дама во едно општество, ја препознавам како позиција од која може да се поведат многу иницијативи, да се организираат многу акции и кампањи, но и да се бранат обесправените и помалку бројните, тие чиј настап често е незабележлив, ненаметлив, тивок и редок“, рече Иванова.

Таа потсети дека дел од нејзините активности се насочени кон децата со посебни потреби, особено на децата со аутизам, дел на лицата со ретки болести, а дел од ангажманите и на децата и нивното здравје.

„Една од најдрагите активности која се спроведе под мое покровителство е отворањето на воопшто првиот Ургентен центар на детската клиника“, рече Иванова.

За претседателката на Сојузот на стопански комори Данела Арсовска жените на пазарот на трудот се активни насекаде и во последните 20­тина години се надминува јазот во однос на родовата еднаквост.

„Во регионот, Македонија добро котира во однос на родовата еднаквост. Нема толку разлики на кој начин се третираат жените, туку во поглед на тоа дека тие не успеваат да стигнат до клучните позиции во општеството“, рече Арсовска.

Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска смета дека застапеноста на жената во политиката не е на задоволително ниво и мора да се поработи на тоа поле.

„Она што е најважно е импутот што жените го даваат кога ги носат одлуките заедно со мажите заради тоа што женската перспектива е сосема различна од машката“, рече Арсовска ­ Томовска.

И за претседателката на Здружението на бизнис жени на Македонија, Валентина Дисоска недостигаат жени на менаџерски позиции и тоа е она на што треба во иднина да се посвети внимание.

„Жените најчесто одат да работат во секторот услуги или го работат она што го знаат бидејки тоа е полесната варијатна, но не инвестираат средства за да развијат сопствен бизнис“, вели Дисоска.

Дводневниот форум го организираат Сојузот на стопански комори во соработка со Здружението на бизнис жени, а на него ќе биде промовирана и Глобалната платформа на жени лидери од јавниот и приватниот сектор.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП