20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНесреќи на работно место – поголема превенција за помали последици

Несреќи на работно место – поголема превенција за помали последици

gragja

Шеесетгодишен градежник е во тешка состојба откако паднал од скеле на објект во Штип. Ова е само последна во низата несреќи кои се случуваат на работното место. Дали се почитуваат стандардите?

Во Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) сметаат дека состојбите се подобруваат, но и дека одговорноста треба да се лоцира и кај бизнисмените и кај работниците, дека секој случај е различен.

„Конечно почна да се зголемува свеста на газдите, но потребно е да се работи и со вработените за да ги почитуваат тие мерки кои се предочени и да внимаваат на своето здравје“ велат во МЗЗПР.

Последниот извештај на МЗЗПР се однесува на 2015-та година, во него стои дека имало 105 повреди и 39 смртни случаи на работното место.

Во Државниот инспекторат за труд (ДИТ) велат дека многу често се случува во компаниите да има заштитна опрема, но таа да не се користи.

„Работодавачите најчесто набавуваат соодветна опрема, која е предвидена со закон, за заштита на работниците при работа, но за жал понедисциплинирани се токму работниците“ изјавија неодамна од ДИТ.

На територијата на Македонија ДИТ годишно прави по над 13.000 редовни и 1.500 вонредни односно контроли по пријава од работник. Тоа резултира со по околу 3.500 решенија за глоби или за отстранување на неправилности.

Законот за заштита при работа предвидува строги правила и за работодавачите и за работниците.

Компанијата мора да ги обезбеди сите мерки за безбедност и здравје – да изготви и да спроведе изјава за безбедност за секое работно место; да назначи едно или повеќе стручни лица за безбедност при работа; да ангажира овластена здравствена установа за вршење стручни задачи за здравје при работа; да донесе безбедносни мерки против пожар во согласност со посебни прописи; да донесе мерки за прва помош и евакуација во случај на опасност; да обезбеди обука на вработените за безбедно извршување на работата врз основа на сопствена програма; да му обезбеди на секој вработен соодветни обуки за безбедност и здравје при работа…

И вработените имаат права и обврски: да се грижат за сопствената безбедност и сопственото здравје, но и за безбедноста и здравјето на другите што работат со него во согласност со обуките и инструкциите што му се дадени од страна на работодавачот; да бидат запознаени со мерките за безбедност и здравје при работа и да бидат обучени за нивната примена; да одбијат извршување работа доколку претходно не се информирани за сите можни опасности и штети; да одбијат извршување работа доколку се изложени на непосредна опасност по здравјето или по животот…

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП