28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПуштена во употреба мала хидроелектрана на Брестјанска Река

Пуштена во употреба мала хидроелектрана на Брестјанска Река

saracini_g_1

Министерот за економија Ваљон Сарачини денеска беше во работна посета на општина Липково, каде ја пушти во употреба  малата хидроелектрана на Брестјанска река, која ја изгради компанијата „ЕМК Мали хидроелектрани“ ДООЕЛ Скопје, со која Министерството има потпишано вкупно 18 договори за концесија за вода за изградба на мали хидроелектрични централи.

– Во општина Липково, овој концесионер ја изгради малата хидроелектрична централа на водотекот на реката Брестјанска, со вкупен инсталиран капацитет кој изнесува 607 киловати, при што очекуваното годишно производство е проценето на околу 2.500 мегават часови, а големината на  инвестицијата за оваа електрана е околу 1,6 милиони евра, изјави Сарачини.

Тој додаде дека согласно обврската од Договорот за концесијата, концесионерот ќе уплаќа годишен надоместок за концесија во висина од 2 отсто од остварениот приход од продадената електрична енергија, од кој почнувајќи од 2016 година 1 отсто од остварениот приход ќе одат во буџетот на општина Липково.

Во насока на економскиот и регионалниот развој, Министерството за економија потпиша и еден Договор за концесија за вода, за изградба на мала хидроцентрала на реката Гошинци, исто така во општина Липково, со компанијата Сол Хидропауер ДООЕЛ Скопје, со вкупен инсталиран капацитет од 2 мегавати, очекувано годишно производство од околу 7.000 мегават часови, и предвидена инвестиција од околу 3 милиони евра.

– Со изградбата на овие две мали хидроелектрични централи во општина Липково ќе се инвестираат околу 4,6 милиони евра. Градежните активности во кои спаѓа околу 70 отсто од инвестицијата се реализираат со домашните локални компании со што се бележи заживување на локалната економија. Секако, очекуваме и нови вработувања, како во фазата на изградба на малите хидроцентрали, така и во фазата на одржување, кога ќе бидат ставени во функција, истакна Сарачини.

Садула Дураку, градоначалникот на општина Липково, истакна дека за прв пат се инвестира во реални  проекти во општината кои вредат над 4,6 милиони евра, притоа упатувајќи благодарност до Министерството за економија и инвеститорот.

– Имаме прекрасна природа, хидрологија и голем капацитет за инвестиции во оваа област, што докажува дека Липково е безбедна општина за инвестиции, а добродојдени се и други инвеститори, истакна градоначалникот.

Инвеститорот на хидроцентралата на Брестјанска Река, Данило Фрас рече дека хидорецентралата е изградена во рекордно време.

– Може да им честитам на сите за брзо завршената процедура, што не е случај во останатите држави во регионот, каде што, исто така, инвестираме во мали хидроцентрали, за што сме специјализирани. Многу сме задоволни од соработката со Министерството за економија и општината Липково и слободно можам да кажам дека ова е најдобар пример за соработка помеѓу инвеститорот, локалната власт и централната власт во поглед на реализација на еден проект, нагласи Фрас.

Од вкупно 70 потпишани Договори за концесија за мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 60 мегавати и инвестиција која се проценува околу 120 милиони евра, во моментот изградени се вкупно 11 мали хидроелектрични централи кои веќе произведуваат електрична енергија. Во изградба се уште 20-тина кои се очекува да бидат пуштени во работа до крајот на годинава и на почетокот на 2014 година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП