Американскиот претседател Доналд Трамп во среда ги потпиша указите за обнова на проектите за изградба на спорните нафтоводи Keystone XL и Dakota Access.
Трамп пред новинарите во Овалната соба на белата куќа рече дека и натаму ќе преговара за одредбите и условите на тие проекти.
Поранешниот американски претседател Барак Обама го запре предложениот проект за нафтоводот Keystone кон крајот на 2015 година, наведувајќи дека тоа би наштетило на напорите на САД да постигне глобален договор за климатските промени.
Нафтоводот треба да оди од Канада до американските рафинерии во Тексас.
Американската влада треба да го одобри овој проект бидејќи ја преминува границата.
Кога станува збор за нафтоводот Dakota Access, американската влада одлучи минатата година да ги испита алтернативните рути по големите протести на индијанските племиња Стендинг Рок Сијукс и нивните приврзаници заради убедувањето дека тој нафтовод би можел да ги загади водите за пиење и да ја осквернави светата земја на Индијанците.
Трасата на овој нафтовод води преку териториите на државите Северна и Јужна Дакота, Ајова и Илиноис.