29 март, 2024
ПочетнаИНТЕРЕСНОКрај за македонската ракометна репрезентација на 25-тото Светско првенство

Крај за македонската ракометна репрезентација на 25-тото Светско првенство

aa

Македонската ракометна репрезентација го заврши настапот на 25-то Светско првенство со поразот од Норвешка 24:34 (12:14). Реновираниот тим на Лино Червар, на Мундијалот во Франција, ја исполни целта со пласманот во осминафиналето и само потврди дека овој тим има иднина.

Македонија во првиот осминафинален меч на СП, против фаворизираната Норвешка, одигра одлично првото полувреме, но во вториот дел тимот остана без енергија, кога најмногу се почувствува неиграњето на повредените Манасов и Миркуловски.

„Мораме да бидеме реални тие се малку подобри од нас. Ние бевме хендикепирани без Миркуловски и Манасков. Првото полувреме го одигравме добро, но во второто полувреме немавме сила. Мислам дека можеме горди да се вратиме во Македонија. Имавме добри моменти во Франција и можеме задоволни да си одиме дома“, изјави по натпреварот македонскиот селектор Лино Червар.

Македонија одигра одлично прво полувреме против селекцијата на Норвешка, која на последното европско првенство играше во полуфиналето. Одбраната беше подобриот дел од играта, додека во нападот, само поради неколкуте промашени зицери и трите погодени стативи Македонија не замина со предност по првите 30 минути.

Второто полувреме Норвежаните го отворија фуриозно, со осум гола во првите десет минути и предност од осум гола, кога и го решија победникот.

Македонија се распадна во вториот дел, кога најмногу и се почувствува неиграњето на Манасков и Миркуловски.

На крајот најефикасни во македонската репрезентација беа Кире Лазаров со шест и Столе Стоилов со пет гола. Капитенот Лазаров имаше и шест асистенции, а СП го заврши со 50 постигнати голови.

Норвешка ја предводеа Танген и Јондал со по шест голови, а уште тројца играчи постигнаа по пет голови.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП