29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛажни попусти: Паднаа казни за несовесни трговци

Лажни попусти: Паднаа казни за несовесни трговци

popustite 000

Сезоната на зимски попусти во полн ек. Излозите излепени со натписи како: намалување до 70%; плати едно, земи две; целосна ликвидација. Но, колку е ова реално? Во последните три месеци од 2016-та биле казнети 4 бутици за лажни попусти!

За 3 месеци казнети 4 бутици

popustite 001

Постојат строги правила како треба да се означуваат и промовираат попустите кои се утврдени со Законот за заштита на потрошувачите кој го спроведува Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).

ДПИ во последните 3 месеци од 2016-та извршил 115 контроли, а казнил 4 бутици за лажни распродажби.

„Утврдени се четири неправилности, односно субјектот на надзор не ја истакнал претходната цена. Втора неправилност е што трговецот физички не ги одвоил производите што се ставени на распродажба од оние што не се на распродажба. Исто така, дел од трговците на јасно и на видно место не истакнале натпис дека се работи за распродажба – велат во Инспекторатот.

Ова се прекршувања на членот 12 од Законот за потрошувачи.

„Означувањата што упатуваат на распродажба, односно на намалување на цените… треба да бидат реални и вистинити и мора да бидат изразени на еден од следниве начини: со наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена или со наведување на зборовите ‘нова цена’ и ‘стара цена’  или со наведување на процентот на намалување на цената и наведување на новата цена покрај видливо прецртаната претходна цена“ стои во Законот.

Но, законот оди и чекор понатаму – доколку се промовира попуст, тој мора да се однесува на најмалку една петина од сите производи, а старата цена мора да биде реална и да важела најмалку 30 дена пред почетокот на распродажбата.

Токму ова е и главното прекршување што го прават дел од трговците – ги пумпаат цените, а потоа пресметуваат попуст кој на крајот може и воопшто да не постои.

Доколку станува збор за распродажба Законот предвидува ваквите производи да бидат одвоени и јасно и на видно место да се истакне натпис дека се работи за распродажба. Доколку трговецот стави на распродажба производи со грешка мора да се истакне натпис со кој ќе се запознае потрошувачот во што се состои грешката, а доколку рокот на употреба е пред истекување мора да биде јасно и видно назначено и тоа.

Законот предвидува и казни за негово прекршување. За прекршителите најпрви се изрекува мерка – постапка за едукација. Ако не се постапи по неа во рок од 8 дена се започнува прекршочна постапка и глоби кои достигнуваат до 300.000 денари.

Сомнеж за лажен попуст или друг вид на проблем може да се пријави на телефонот 02/3220-547 во ДПИ. Може да пожалите и до Организацијата на потрошувачи (ОПМ) на 02/3179-592, но тие само ќе ја препратат претставката до Пазарниот инспекторат кој треба да постапи по неа.

Начини на кои трговците ги манипулираат потрошувачите

popustite 002

Постојат повеќе начини со кои трговците манипулираат со купувачите во сезоните на попусти.

Најзастапена малверзација е кога на излогот се најавува попуст и до 70% а во продавницата само еден или два производи се со вакво намалување.

Друг пример е кога на попуст е само мала количина од робата, а кога станува збор за гардероба тоа се често само едно до две бројчиња кои и најмалку се трошат. Притоа трговците и натаму на излозите рекламираат голем попуст, иако од таа роба нема ниту еден примерок.

Трет начин на кој трговците ги залажуваат купувачите се т.н. постојани акции. Тоа се ситуации кога на излозите на продавниците во текот на целата година стои натписот „постојано намалување од 50 проценти“. Тука е во прашање очигледна измама. Во овој случај не може да се постави прашањето од која цена се намалува 50 проценти ако намалувањето е постојано.

И една од најзастапените измами е таа со зголемувањето на цената непосредно пред нејзиното намалување.

К. Н.

 

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП