29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЦаринската управа лани со 8,5 отсто повисоки приходи од 2015

Царинската управа лани со 8,5 отсто повисоки приходи од 2015

carina

Царинската управа на Република Македонија ја заврши 2016-та година со вкупно остварени приходи во износ од 72,9 милијарди денари, што претставува за 8,5 отсто, односно за 5,7 милијарди повеќе од приходите во 2015 година.

Ова претставува значителен успех при наплата на давачките во надлежност на Царинската управа, а тоа се: давачки при увоз (царина, данок на додадена вредност, акцизи и надоместоци) и наплата на акциза не само при увоз, туку и во внатрешен промет.

Во 2016-та година Царинската управа наплати за 5,5 проценти, односно за 3,8 милијарди денари повеќе од планираното за наплата. Односно, за 2016-та година беше планирано да се наплати 69,5 проценти од даночните приходи во буџетот на Република Македонија, а наплатени се 73,3 отсто од истите.

Во однос на реализираните приходи во 2015-та година, во 2016-та година остварено е значително зголемување на наплата на сите видови на давачки. Ова зголемување е остварено при зголемување на вредноста на увозот од само 1,8 отсто.

Износот на наплатени давачки по видови за 2016-та е:

– ДДВ: 42,1 милијарда денари, што претставува за 6,5 отсто, односно за 2,56 милијарди денари повеќе од наплатените во 2015-та година;

-Царина: 4,76 милијарда денари, што претставува за 9,9 проценти, односно за 0,4 милијарда денари повеќе од наплатените во 2015-та година;

-Акцизи: 25,4 милијарда денари, што претставува за 11,7 отсто, односно за 2,67 милијарди денари повеќе од наплатените во 2015-та година и

-Надоместоци: 0,68 милијарда денари, што претставува за 8,4 проценти, односно за 0,53 милијарда денари повеќе од наплатените во 2015-та година.

Успехот остварен при наплатата на приходите се должи на повеќе фактори, а пред се на зголемена финансиска дисциплина на сите учесници во трговијата. Бизнис заедницата континуирано се запознава со царинските прописи преку редовни состаноци на Советодавното тело на Царинската управа и состаноци со групации на компании по сектори.

Вакви состаноци Царинска управа организира на регионално и локално ниво, односно на ниво на царинарници. Кога компаниите ги познаваат прописите и сите нивни права и обврски при спроведување на царинските постапки, се намалува можноста за избегнување на плаќање на давачки. Исто така, многу е важна соработката со институциите кои вршат контрола на внатрешниот пазар, особено со Управата за јавните приходи и Државниот пазарен инспекторат. Навремената размена на податоци во голема мера спречува даночна евазија.

Значаен придонес има и подобрувањето на системот за управување со ризик на Царинската управа при увоз (насочени контроли), односно подобри резултати со помалку извршени контроли. Иако изгледа контрадикторно, со помал број на извршени физички и документарни контроли на стока во царинска постапка наплаќаме повеќе давачки.

Постепено, во последните две години, процентот на физички преглед на стока е намален од околу 30 отсто на приближно 8,5 проценти. Тоа е постигнато со подобрување на системите за управување со ризик, односно прецизно насочување на контролите кон ризичните пратки каде се можни неправилности. На овој начин се подобрува и управувањето со човечките ресурси со кои располагаме, но и значително се забрзува постапката за компаниите. Така, во 2014-та година, просечно време за спроведување на увозна постапка беше 89 минути, а во третиот квартал на 2016-та беше 62 минути.

Резултат дадоа и насочени контроли кај компаниите по завршена постапка, односно пост-контроли. Кога се контролира стока „на тркала“, односно во камион, се контролира една пратка. Кога се контролира работата на компанијата, се контролира целото работење на компанијата од царински аспект во подолг временски период, вообичаено за една година. Овие контроли континуирано се вршат и кај компаниите кои имаат одобренија за поедноставување на царинските постапки.

Подобрување на интерните контролни системи исто така придонесе за успешна реализација на наплата на давачките. Во Царинската управа долго време функционираат интерните контролни системи, чии носители се организациони единици (Секторот за професионална одговорност, Одделението за внатрешна ревизија, Секторот за контрола и истраги) или посебни тела во форма на комитети и работни групи. За наплатата на приходи, освен организационите единици, се грижат и Комитетот за следење на приходите и Комитетот за управување со ризик. На овој начин континуирано се следи состојбата со наплатата на буџетските приходи и се преземаат мерки за утврдување на причините и надминување на евентуалните проблеми при наплата на приходите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП