Оние што го обвинуваат Fiat Chrysler(FCA) дека мамел на тестовите за емисија на издувните гасови како Volkswagen, најверојатно нешто се „напушиле“, рече во петок директорот на FCA Серџо Марчионе.
„Volkswagen инсталираше уред што препознава кога автомобилот е на тест, а кога на пат. Нашиот софтвер е ист во сите услови“, рече Марчионе.
„Кој и да нѐ споредува со германската групација, пушел нешто нелегално“, додаде Марчионе.
Акциите на FCA закрепнаа во петок по тешките загуби на берзите во Милано и Њујорк, до кои дојде по веста дека американската Агенција за заштита на околината го обвини и овој конзорциум за мамење на еколошките тестови.
Обвинувањата на Агенцијата стигнаа по само еден ден откако Volkswagen ја призна вината и се согласи да плати 4,3 милијарди долари казна на американската влада.